ОД ПРВА ПОСЕТА, ДО ЗЕМЈА ЗА ЖИВЕЕЊЕ

Мартин Тасески, вљубеник во Тајланд

Прилепчанецот Мартин Тасески го сака Далечниот исток. Се оженил за Тајланѓанка и планира половина година да живее таму. Првпат отишол во далечната земја преку туристичка агенција пред 4 години. Патувањето се случило спонтано. Ја избрал дестинацијата од љубопитност. Но, го освоила земјата и жената Ратцами која потоа му станала и сопруга. Сега му е брачна сопатничка. Живеат заедно во Прилеп.

Првата посета на земјата позната по рајските плажи и изобилството од тропски плодови била туристичка, намерна, за секое следно одење да биде наменски, планирано и со посета на пријателите и роднините од сопругата. Планираат летото да го минуваат во Прилеп, а кога ќе стегне студот, да уживеат во тропската клима и сончевите денови во Тајланд.

– Тајланд и главниот град Бангкок ми оставија многу убав впечаток. При првата туристичка посета бевме и на прекрасен остров на границата со Малезија во тајландскиот залив. Поминавме мошне убаво. Сопругата ја запознав таму. Работеше во хотелот каде што бев сместен. Ме привлече. И таа, но ми се допаѓаат и луѓето, културата, шареноликоста, позитивната енергија што зрачи насекаде во земјата. Ме привлече раздвиженоста на Бангкок кој е најпосетуваниот град во светот со 30 – 40 милиони туристи годишно – раскажува Мартин Тасески за првата посета и средбата со сопругата.

Во брак се година ипол. Сопругата не знае уште македонски. Се разбираат англиски, а некогаш, доколку е посложено, комуницираат и преку алатките за превод. Често одат во земјата во која Мартин ја пронашол избраничката на својот живот, но и земја во која би сакал да живее шест месеци во годината.

– Климата е убава, нон стоп е лето. Има влажно време со монсуни, топло и многу топло време. Денот и ноќта се еднакви и саатот не се менува. Константна е температурата. На рајските плажии има многу туристи од Америка, од Европа. Свој дом наше луѓе од третото доба од Германија, Швајцарија кои живеат, таму. Имаат евтини намерници, тропски плодови во изобилие – вели Тасески.

Често го посетуваат Тајланд. Посетата на егзотичните места ја овековечува низ фотографиите кои ги споделува на социјалните мрежи.

– Одиме на одмор, на посета кај роднините. Ме воодушевува енергијата и атмосферата, тепмераментни луѓе се. Многу е живо. Следна дестинација за прошетка е Виетнам, Јапонија, Бали, Индонезија, Кина. Европа  е во стагнација и пад. Азија е во подем, посебно Кина, Тајланд – вели Тасески.

Со сопругата купиле место во земјата која е кралство и каде планираат да изградат дом  и да стана дел од 70 милионската земја, кога снег ќе забелее на Селечка. 

ЈАСТОГ МЕСТО ПЛЕСКАВИЦА

Мартин заедно со брат му Горан, веќе две децении се мајстори за месо и скара. Познати се по готовата скара на кило, умешно прават плескавици и секакви специјалитети на скара.

– Не може ним, да им конкурира со храната. На најпозната улица во Бангкок има стрит фуд и на тезга се продаваат јастози, школки, морски плодови. Тоа им е основна храна. Јастогот е како кај нас плескавицата, секој ден се јаде – обајаснува Мартин Тасески.

Loading