Нашата сограѓанка Билјана Тинтоска, професор во СУ „Ѓорче Петров”, ја претстави новата збирка раскази „Момина солза”.
– Збирката е букет од деветнаесет раскази со различна тематика, произлезена од искуството и лично и општочовечко, проблеми, искушенија, препреки, но и радости со кои сите секојдневно се среќаваме и се бориме, соочувајќи се со животот. Низ расказите дефилираат ликови, кои се со нас, во нас, меѓу нас, околу нас, ликови кои чувствуваат, сакаат, паѓаат па се борат, се надминуваат себе си за да си го подобрат квалитетот на духовниот човек во себе, ликови кои се борат со своите пороци, со своето его и кои спасот го наоѓаат во средбата со себе, со ближниот и со Бога, со љубовта – онаа жртвената – вели авторката.
Промоцијата беше посветена на учениците матуранти, кои авторката, како професор по македонски јазик и литература, ги води и ќе ги испрати во животот, со пораки кои ќе им обезбедат квалитетна база за светла иднина. Бројот на расказите е симболичен и се совпаѓа со бројот на годините што ги имаат нејзините матуранти. А нам, на читателите, ни ги подарува своите раскази како китка момина солза, со многу љубов!
Ова е шеста книга на Тинтоска.
![]()

