Даниел Мелвил Македонска рапсодија 120

– А при половите односи со тие луѓе, дали чувствуваш некакво задоволство, уживање – ја праша Лео.

– Не, се грозам, ми се блуе од гнасење.

– Тогаш нема твое злостоство. Те излагале и те присилиле. Има илјадници жени како тебе. Кога реши да бегаш од Југославија, каков план имаше?

– Сакав да емигрирам во САД, бидејќи таму имам роднини.

– А сега?

– Сега ми останува само, самоубиство.

– Не, ако сите луѓе кои згрешиле се самоубиваа, на земјава нема да останеше жив човек. Си слушала ли за “Песната на проститутката”, што има и друг наслов, “Аутопсија”?

– Не.

– Таа песна некогаш во Македонија, бев тогаш многу млад, ми ја пееше една тетка. Напишана е од една социјалистка овде во Италија, Ада Негри. Се зборува како еден доктор врши аутопсија врз некоја млада умрена девојка. Одеднаш умрената почнува да му зборува, молејќи го прво да ја слушне нејзината биографија, а потоа да и ги “сече мртвите меса со својот безжалостен студен нож”. Му раскажала дека била родена и израсната на улицата во партали, во беда…

– Ужасна, страшна песна – подвикна младата проститутка.

– Да, морници ми минуваат по телото само кога се сетам на зборовите од песната. Немој да завршиш како таа несреќна херојка. Ако сакаш, ќе ти помогнам да избегаш од макроите. Ќе те однесам во Париз и оттаму ќе емигрираш во САД.

Искра надеж блесна во очите од девојката.

– Сакам да избегам, ама треба веднаш, инаку ќе ме фатат гангстерите!

Со колата Лео ја однесе до Париз. И помогна колку што можеше, í остави пари и се врати во Америка, каде набрзо се најде в затвор. Минаа повеќе од 7 години и еве, сега, пред него е истата Србинка, запознаена во Трст, Александра, ама не го познала. Толку ли се изменил?

При сеќавањата, Александра го тргна со прашање:

– Дали ти би зел за жена бивша проститутка? Зар мислиш дека не знам кој си? Штом те видов во нашиот парк, те познав, а те барав да те најдам со години за да ти се заблагодарам за тоа што ме спаси… Одтогаш не дозволив ниту на еден маж да ми пушти рака на мене. Веројатно целиот живот ќе го минам осамена, како исушено дрво…

Некаков пламен светна во очите од Лео:

– Не верувам дека твоите родители, посвоителите, ќе се согласат да се омажиш за човек кој нема ништо, како мене. Ќе ти одговорам на прашањето пооддалеку. Немој да се чувствуваш навредена како Србинка. Во Кралска Југославија, во делот од Македонија под српска власт, бидејќи моралот на нашата револуционерна организација, а и на народот беше на високо рамниште, за да го разбие тој морал, окупаторската безмилосна власт донесе проститутки, “пеачки” од сите краишта на Југославија. Ова ми го раскажуваше пријател од татко ми. Мнозинството од девојките мажеле недефлорирани. Сепак, нашите млади луѓе одговориле на спомнатата мерка од властите со тоа што ги зеле за жени, проститутките, и тие потоа станале меѓу најдобрите мајки и најверните сопруги во Македонија. Мислам дека ти одговорив на прашањето.

 (продолжува)

Loading