Уникатен музички настан “Мевлем”

Во ЦК “Марко Цепенков”

Уникатен музички настан, спој на авторска музика и поезија од композиторот и поет Марко Виденовиќ, ќе се одржи в понеделник од 19.30 часот во фоајето од ЦК “Марко Цепенков”. Станува збор за проектот “Мевлем” кој наидува на широк прием и сериозен одек во културната јавост во земјава и надвор. Се етаблира како проект со исклучителен емотивен и социјален капацитет, потврдувајќи ја уметничката автентичност.

Музичката група “Мевлем” е составена од Памела Велкова – виолина, Верица Ајтовска – виола, Енис Аљи – виолончело и автор Марко Виденовиќ – пијано и глас. На програмата се специјално создадени композиции  и претставуваат иновативен пристап кон камерната музика и современата поезија. Композициите се наменети за триото виолина, виола и виолончело.

Преку искрена емоција, суптилен аранжман и внимателно избрани зборови, се отвора простор за внатрешно доживување и лично препознавање при што се потврдува вредноста и значењето на високо институционално ниво.

“Мевлем” е повеќе од концерт, уметничка исповед, место каде поетскиот збор не се чита, туку се чувствува, каде музиката не се слуша, туку се доживува. Тоа е интимен дијалог меѓу музиката и зборот, меѓу солистите и тишината, меѓу публиката и нејзините најдлабоки емоции. Композициите се инспирирани од лична и колективна болка, љубов, надеж и тишина. Се изведуваат од музичари кои со секој тон ја раскажуваат внатрешната вистина. Суштината е потребата  да се понуди лековитост преку уметноста, да се овозможи допир со нешто исконско, нешто што ги надминува жанровите и формите.

Loading