Настан со силна енергија беше поетскиот портрет посветен на Тони Павлески, член на Клубот на литературни творци – Прилеп. Беа изречени искрени зборови. Со емоции се прочита неговата поезија за уживање во богатото творештво.
За творештвото на Павлески, Цеца Видова – Трајческа посочи дека тој има значајна улога во современата македонска книжевност, дека, иако има тивок, сепак неговиот израз е продорен и неговите дела се со трајна вредност.
– Препознатлив е по искреноста во изразот, по симболичноста и длабоката рефлексија. Лирскиот субјект во поезијата е интроспективен и чувствителен, насочен кон внатрешниот свет, истовремено поврзан со универзалните човечки прашања. Темите за љубовта, минливоста и постоењето се обработени со суптилна емотивност. Љубовта не е идеализирана, туку кревка и човечка, додека времето се доживува како лично искуство исполнето со сеќавања и загуби. Меланхолијата не е слабост, туку форма на длабока свесност – рече Видова Трајческа.
Павлески е автор кој тишината ја претвора во збор, а зборот во длабоко човечко искуство. Автор е на пет збирки поезија и проза со лиричност, симболичност и внатрешна насоченост. Значајна улога во творештвото е хаику поезијата, каде изразот е сведен на суштината.
– Со особена страст Тони ја пишува хаику поезијата. Навидум изгледаат ситни зборови, но носат силни емоции и впечатоци. Кратките хаику песни се извонредни. Ја опишуваат атмосферата, а всушност ја доловуваат суштината – рече Дана Тембелеска.
Поетесите Тамара Петреска и Марија Мантова ја доближија пеозијата на Павлески, а книжевниот портрет го организира Клубот на литературни творци Прилеп и Градската библиотека.
![]()

