Даниел Мелвил Македонска рапсодија 119

Александра се насмеа:

– Тие се води што во минатото вриеле од корабите на пиратите!

– Да, точно.

– А вие?

– А јас, што, мис?

– Не викајте ме мис, доста е.

– Добро, Александра, што сакавте да ме прашате?

– Дали сте модерен пират?

– Не, иако пред неодамна бев пуштен на слобода од затворот.

– Зошто бевте суден?

– За убиство.

– Кого сте отепале? Раскажете! Не личите на убиец…

– Убијците, мис, пардон, Александра, не личат често на убијци, туку на обични, секојдневни луѓе, како мене.

– Не личите на секојдневен човек. Раскажете?

– Нема многу за раскажување. Аферата може да се собере во неколку реченици: Потекнувам од Македонија. Млад, овде, останав сирак. Се борев и стигнав до универзитетски студии. Пред седум години патував низ Европа, по Италија, заради нејзиното огромно богатство со споменици од минатото. Купив настаро кола и со неа патував низ Стариот Свет. Во Америка ја оставив свршеничката, студентка како, , оти таа немаше можност да патува со мене. Кога се вратив, дознав дека човекот со кого го делев последниот залак леб, пријателот и сонародникот кому му имав доста помогнато кога пристигна во САД, и телефонирал на свршеничката  да дојди во станот, бидејќи ненадејно сум се вратил и сум сакал веднаш да ја видам за нешто важно да и соопштам. Кога дошла, ја заклучил вратата и нешто со сила, нешто со убедување, имал интимен однос ноќта. Од него остана трудна и го роди детето. Ми призна и ми рече дека ќе остане со “другиот Македонец”…

– Проклети земјаци, – го прекина Александра.

– Настан ми беше драма. Ме болеше што виновникот беше мој земјак. Ми стори тешко, непростливо предавство. Една вечер страшно го натепав. Ми олесни, оти страдав неиздржливо. По некој ден ме забра полицијата под сомнение дека сум го отепал. Мислев дека умрел од тепањето. Кога дознав дека бил убиен со три куршуми од пиштол, сфатив дека некој го застрелал. Не знам од кои причини. Мене ме осудија, иако им ја кажав вистината. Во затворот останав шестипол години. Пред две недели ме ослободија, бидејќи бил пронајден вистинскиот убиец. Државата ќе ми платела некаква оштета. Но, како ќе ми се вратат изгубените години, пропаднатите студии?

– А девојката?

– Која девојка?

– Бившата свршеничка.

– Се разделиле, не се венчале. Не знам каде е и не ме интересира. Има нејзина грешка. Тоа е минато и не  мислам повеќе.

Се загледаа пак молкум во ноќта, кон моќниот океан. Лео запатува низ времето, кога ја посети Италија. Во Трст, некој странски турист го поканил да појдат во квартот на проститутките, иако таквите работи Лео не го привлекувале. Меѓу младите жени кои се пазареле со “клиентите”, избрал една и заминал во нејзината соба. Девојката била млада. Се изненадила кога Лео и рекол дека не и плаќа за друго, туку сам да се одмори или, ако има желба, да позборуваат. Девојката зборувал. Му кажа дека е од Белград, внука на некој генерал од кралската српска армија од пред Втората светска војна. Во Југославија не се чувствувала добро. Била гонета од власта, заради дедо и кој бил генерал. Така побегнала на Запад. Дошла до Трст. И наместо да се пријави како политичка бегалка на властите, “друштвото” ја присилило, како што се правело и со други жени-бегалки, да стане проститутка. Ја тепале со ремен по стомакот, по грбот, по бутовите, да се согласи да се продава на мажи. Најголемиот дел од парите им ги давала на гангстерите. Кога се запознала со Лео, два месеци “работела” како проститутка. И се ределе десетици мажи. Била очајна. И доаѓало да се самоубие. Се гнасела од себе си.

 (продолжува)

Loading