Недомаќински однос со државната сермија во Бизнис центарот
Додека дел од државната администрацијата работи во субстандардни и опасни услови, државата го остави на милост и немилост повеќе од 20 години просторот од илјада квадрати на цел кат во Бизнис центарот

Околу илјада квадратни метри државен деловен простор на еден кат од Бизнис центарот зјае празен повеќе од две децении. Ставен е под клуч со ѕид и метални решетки. Просторот полн со ѓубре, го јадат дождот и снегот, ветерот и сонцето повеќе. Додека дел од државната администрација уште се бори со глувци и инсекти во стариот објект на локалната самоправа, додека им тече вода од таваните на вработените уште на неколку подрачние единици на министерствата и на секторот за имотно правни прашања на министерството за финансии и им виси опасност да им се урне таванот на главата на руинираниот објект, дотогаш стои и скапува државниот простор во строгиот центар.

За жал, слична судбина дели и некогашната Виша економска школа. И овој објект е во фаза на распаѓање, а на градот му се потребни, на пример градинки, бидејќи и новата во Точила не е доволна да ги задоволи потребите на родителите за згрижување на децата.

Изградбата на катот во Бизнис центарот беше финансирана со Тутунскиот комбинат. Со влошувањето на економските состојби, поранешниот менаџмент на Комбинатот го компензира просторот со дел од државните долгови. Така едниот, четврт кат, на бизнис центарот стана државна сермија. Како што вообичаено се вика дека државата не е добар домаќин, се потврди и во овој случај. Прозорците се искршени, исчезнати се дури и рамките, а внатрешноста на државниот имот стои полна во прашина, отпад и нечистотија. За среќа, некој се сетил, па го заклучи просторот да не биде дувло на наркомани, бездомници, пијаници и место за сомнителни типови кои прават ѓаволски сеанси на виделина или во темнина ноќе. Неколку локални власти се обидоа млако да ја заинтригираат државата да го суреди просторот и да ја прибери дел од аминистрацијата во пристојни услови за работа. Но, минуваа години, и никој не застана здраво да ја турне државата да си го одржува своето, а не да го остави на забот на времето.

Имаше и идеја просторот да се пренамени во станбен, бидејќи има добра инфраструктура и за таа намена со ситни интервенци, а и следните неколку катови нагоре се живеалишта на десетици семејства. За жал, пропадна или никој не ја истурка и таа идеја. “Пиеше вода” идејата да се оттуѓи државниот простор, бидејќи, според некои проценки само за адаптирање во административен биле потребни околу два милиони евра. Идеите се редат, а сиромашната држава не води сметка за сопствениот капитал што í пропаѓа на скапата ачик локација.

Експерти по имотноправни односи велат дека со оглед на фактот што последниве години реално паѓаат цените на недвижнините, поради масовната миграција, најпогодно решение е државата да се куртули и да го продаде објектот во транспарентна постапка. За згрижување на својата администрација во почовечки услови треба да бара некое поевтино решение, макар што два милиони евра не е некој голем товар за трајно обезбедување на пристоен работен амбиент. Но, не се најдува подготвен, не запнува да ја истурка работата и да го стави во функција државниот простор, да го оживее мртвиот капитал и да престане однесувањето со државниот имот како на разгалено богато дете со играчка од илјада квадрати која вреди многу повеќе од трошоците за уредување.

Додека не се најде “локален државен маж со…” да ја убеди државата да си го варди или да го продаде објектот, дотогаш ќе важи српската поговорка во превод – Ниту ја е.., ниту на друг ја дава.

![]()

