В четврток од 19 ч. на камерната сцена во ЦК “Марко Цепенков” ќе се реализира концертот Stefanijazz Project во која доминаираат љубовта кон музиката, искреноста и стилот штој спојува повеќе жанрови. Ќе се изведат авторски композиции на Стефанија, преработени во современа џез фузија, џез-рок и босанова аранжмани, како и изведба на неколку џез стандарди – звук што го спојува класичното и модерното, нежното и енергичното. Учествуваат Стефанија Милевска – Враниќ – вокал, Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали, Владимир Враниќ – гитара, Владимир Николиќ – Дадони – труба, Ристо Крстевски – клавијатура, Зоки Паркет – контрабас и бас и Павел Талевски – тапани.
Како една од првите дипломирани џез пејачки во Македонија, Стефанија го слави празникот на музиката, преку истражување на границите на џезот и способноста да се интегрира со различни жанрови. Околу 20 годишното сценско искуство како музички изведувач, потоа солистичките концерти, мјузикли и перформанси низ Македонија, Србија, Бугарија и Босна, таа континуирано создава авторска музика, со карактеристични уметнички сценски изведби. Зад себе има 2 музички албуми.
Станува збор за уникатен музички израз што ја спојува авторската чувствителност на Стефанија со богатството на џезот. Со современ, но топол пристап, проектот се стреми да го доближи џезот до пошироката публика, особено до млади слушатели, негувајќи културна едукација, автентичност и жанровска отвореност.
Концерт е замислен како интимно музичко патување кое нуди нов пристап кон сценската џез-изведба.
![]()

