Даниел Мелвил Македонска рапсодија 118

Лео го запали моторот и тргнаа. Целиот ден го минаа на плажата. Додека Александра се капеше или легната на голема крпа за плажа се сончаше, Лео се чувстуваше како телохранител. Дискретно и будно внимаваше, нешто непријатно да не í се случи. Во еден момент некои “весели” млади луѓе почнаа да ја задеваат. Тој се исправи пред нив. Очите му светнаа опасно и им рече да си одат. Се загледаа и заминаа “да ловат девојки” понатаму. Александра се насмевна и пак влезе во водата.

Ручаа простум мелено месо, “американски ќофтиња” и по порција помфрит, пиејќи “газоза”. Попладнето, девојката пак му подаде пари:

– Париве се за друга униформа. Купи си елегантен костум. Татко ми и мајка ми имаат гости за вечера. Не ми е згодно да бидам сама. Ќе дојдиш да вечерва. По потекло сме Срби, гостољубиви. Не треба да се стеснуваш. Никому не кажувај дека си новиот градинар.

– Ама, татко ви ќе каже. Тој ме ангажира.

– Татко ми нема ништо да каже. Ќе се договорам со него.

Вечерата мина во пријатна атмосфера. Домаќините беа многу љубезни со “градинарот”, кого ќерка им Александра топло им го препорачала. Еден од гостите, млад човек излезен од еден од најпрестижните универзитети на САД, се вртеше околу Александра. Таа јасно му покажа дека претпочита да биде во друштво на Лео. Та, младиот човек го обеси носот и се упати кон друга девојка да бара утеха.

Пред полноќ, Александра го зеде татка си подрака, му позборува нешто и се врати кај Лео, кој до еден столб пиеше овошен сок и џвакаше слатко.

– Дојди со мене. Ноќва ќе имаш функција на шофер и на телохранител -се насмеа Александра и по неколку минути се упатија кон брегот од океанот.

Запреа со колата на едно место со убав поглед и подолго време гледаа во ноќта без да зборуваат. Александра ја прекина тишината:

– На што мислиш, Лео?

– Мислам на тоа дека визави овој брег се најдува Хавана, главниот град на Куба, а подалеку е Хаити. Лево е Атланскиот Океан со Саргаското Море. Мислам на минатото, кога низ овие води пловеле шпански галии натоварени со злато и со други скапоцености. Навлегувале и пирати, некои од нив со славни имиња во историјата на пиратството. Десно од нас е Мексиканскиот Залив, а право, отаде Куба, е Антилското Море со истоимените острови…

 (продолжува)

Loading