Следната пролет ќе можеме да возиме по првите километри автопат на потегот од Прилеп до Битола, а целиот автопат да се заврши пред рокот со што ќе имаме комплетно автопатско решение од Прилеп до Битола, најави Александар Николоски, Министерот за транспорт и врски, на средбата со прилепските и битолските бизнисмени во Битола.

– Во Пелагонија се случува инфраструктурен бум, автопатот Прилеп – Битола ќе го завршиме пред рокот, работиме на обиколница Прилеп, но и на други крупни инфраструктурни решенија. Како резултат на отежнатиот сообраќај на регионалниот пат воведуваме градски воз меѓу Прилеп и Битола со цел да се олесни комуникацијата меѓу општините. За таа цел, работиме заедно со двете железнички претпријатија, МЖ Инфраструктура и МЖ Транспорт, и некаде во јуни најдоцна, да го пуштиме новиот градски воз кој што би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени – рече Николоски.

Николоски најави уште три проекти, еден е обиколницатана Прилеп, со цел товарните возила да поминуваат надвор од градот, вториот проект е топловодот, односно парното за Битола и третиот проект, е гасификацијата.

На состанокот на Управните одбори на двете регионални стопански комори на Битола и Прилеп, присуствуваа и замениците министри за финансии и економија Николче Јанкуловски и Марјан Ристески, како и директорот на јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски, директорите на јавните претпријатија и градоначалниците од Пелагонискиот регион.

Освен, за изградбата на автопатот Прилеп-Битола, се разговараше за автопатот Дреново-Прилеп, за обиколница Битола – граничен премин Меџитлија, обиколница Ресен-Охрид и железничкото поврзување со Грција.



![]()

