Звонко Димоски, автор и преведувач

Звонко Димоски, авторот, културологот, едуакаторот, креативниот  проектен менаџер ја промовираше книгата “Ex nihilo: Репортажна поезија за Андалузија” со идеја за создавање од ништо, но и за повторно воспоставување на културните врски преку поетскиот јазик. Се третира Андалузија како метафора за нов почеток, за враќање кон корените и за можноста за разбирање меѓу различни културни искуства. Тоа беше поводот за разговор со Димоски.

Во “Ex nihilo: Репортажна поезија за Андалузија”, Андалузија не е претставена само како географски простор, туку како културен и духовен симбол?

Намерата ми беше Андалузија да не се чита само како место со богата историја, туку како простор со различни цивилизации со траен духовен и културен слој. Книгата ја обликував како поетска мапа на историјата, личното доживување и културната меморија. Андалузија станува симбол на соживот, светлина и историска чувствителност. Преку поетскиот јазик ја приближувам како внатрешен простор, препознатлив надвор од географските граници. Епиграфот “Јас не ја измислувам Андалузија. Јас ја враќам дома” ја содржи идејата за враќање на културните врски и духовните допирни точки меѓу различни светови.

Репортажна поезија со документарност, патопис и лирскиот израз. Како се развиваше оваа жанровска постапка?

Репортажната поезија произлезе од потребата да не остане само опис фактографскиот материјал, туку да добие внатрешен поетски живот. Секоја тематска целина е градена на конкретен историски, културен или биографски мотив. Низ поетскиот јазик се отвора пошироко значење. Секоја песна има и документарна основа и лирска димензија, при што историските белешки и воведите служат како рамка, а стихот како простор за емоционално и симболичко продлабочување. Тоа е структурата од 24 целини во културна хроника. Во делото се присутни личности, градови и симболи од различни културни традиции од Кордоба и Гранада до Ибн Зајдун, Валада и Лола Флорес.

Порака за читателите?

Литературата има важна улога да потсетува дека културниот идентитет секогаш се гради низ дијалог, а не низ затворање. Андалузија е претставена како простор каде исламската, христијанската и еврејската традиција создаваат заедничка културна светлина. Преку историските и симболички фигури го покажувам културното наследство. Тоа не е музејски остаток, туку жива можност за современо разбирање, блискост и нов почеток, во духот на насловот Ex nihilo, како создавање одново преку јазикот и паметењето.

Loading