Повод – 56 години од смртта на РИСТО ЗЕРДЕСКИ – ЗЕРДЕ
Се навршуваат 56 години од смртта на првиот македонски филмски актер Ристо Зердески – Зерде, кој починал во Загреб. За многумина прилепчани неговиот живот е непознаница. Не се сметам за голем познавач на филмската дејност, но со истражувањата се “запознав” со личности од Прилеп кои имале забележителни улоги во своите области и оставиле трага на своето време.
Голем дел од податоците за Ристо Зерде ги пронајдов во книгата “Сонце на дирек” од Илинденка Петрушевска. Податоци има и во енциклопедии и друга литература.
Ристо Зердески – Зерде е роден во Прилеп на 5 август 1906 година. Потекнува од трговско семејство. За време на Балканските војни, Зердевци се интернирани во Бугарија, а во 1920 година се вратиле во родниот град. Татко му Михаил кусо бил и претседател на општина во 1920 годино, но брзо починал. Во училишната театарска група Ристе се издвојувал од другите деца со својот талент. По смртта на мајка му Севастија во 1921 година, заминал за Загреб, каде во 1922 година се запишал на првата школа за филмски актери. Се вратил во Прилеп и формирал театарска дружина да ја подготви “Македонска крвава свадба”. Љубовта кон филмот се гледала и во честите контакти со Пане Напе. Во 1927 година, хрватскиот филмски ентузијаст и режисер Џука Беркеш го повикал да ја игра главната улога во филмот “Тие двајцата”. Ристе успешно играл два различни лика на момчиња кои се вљубуваат во една иста девојка. Филмската критика позитивно ја оценила играта на Зерде. Со една копија од филмот се вратил во Прилеп. Се оженил со битолчанката Павлина и го изнајмил киното на браќата Манаки во Битола да се занимава со киноприкажување. Повремено прикажувал филмови и во Соколаната во Прилеп. Во 1932 година го полжил курсот за киноапаратер. Во 1939 година во неговото кино “Корзо” во Битола избувнал пожар и изгорела единствената копија на “Тие двајцата”. Економски ослабен заминал на работа во Белград. По ослободувањето со сопругата и ќерката Стефанка се преселуваат во Загреб, каде работел како трговски патник. Животот му згаснал на 1 мај 1970 година.
Ристо Зерде преку библиографска единица е застапен и во филмската енциклопедија на Лексикографскиот завод на Хрватска.
Добро е да се запознаеме со животниот пат на првиот филмски актер во Македонија, прилепчанецот Ристе Зердески – Зерде, затоа што е еден од “бисерите” на Прилеп за кои малку се знае.
Рубин Белчески, историчар во Завод и Музеј
![]()

