Што се случува во телото кога се јаде грав. Нутриционистите откриваат начин како да се спречи подуеноста на стомакот. Гравот е омилен кај нас и во регионот. Најчесто се приготвува како чорбесто вариво и печен во рерна, познат како ,,тавче гравче,,. Оваа намирница е преполна со влакна и протеини. Јадењата долго време држат ситост. Добар е како извор на железо, магнезиум и калиум. Содржи отпорен скроб кој поспоро се дигестира како и диеталните влакна. Отпорниот скроб се движи низ дигестивниот тракт и завршува во дебелото црево каде се хранат бактериите. Овој процес е важен за јакнење на имунолошкиот систем. Има и голема количина на сложени шеќери. Телото поспоро ги разградува и се јавуваат гасови. Гравот содржи изобилство од диетални влакна, кои предизвикуваат подуеност и гасови. Ако редовно се јаде грав, гасовите ќе минат сами по себе со времето, бидејќи телото ќе се навикне на варењето. Еден од начините да се намали подуеноста е пред готвење да отстои потопен во вода од 12 до 24 часа за да се измијат вишокот на шеќери. Гравот е одличен за слабеење, оти содржи многу протеини и влакна и одржува ситост. Чаша варен грав содржи 12 гр. влакна и 15 грама протеини. Добар е за здравјето на срцето поради високата содржина на влакна и фолати. Влакната ги снижуваат нивоата на гликоза во крвта и крвниот притисок и помагаат во одржувањето на здрава телесна тежина. Фолатите се добри и за нервниот систем. Растворливите влакна помагаат во намалувањето на холестеролот. Со секојдневното консумирање на варен грав околу една чаша, холестеролот паѓа за 5 отсто.
Трик против гасови
Потребни се 450 гр грав и 10 шолји вода. Гравот се налева со вода и се става да се готви 3-4 минути. Се трга од рингла и се остава ноќта до приготвувањето без промена на водата во која се готви. Следниот ден се цеди и се мие со ладна вода и се налева нова вода. Проврива уште еден клуч, па и таа вода се цеди и натаму се приготвува по избор. Вака, во водата каде киснел излегуваат до 80 отсто од несварливите шеќери, кои предизвикуваат отежнато варење и подуеност.
Тавче гравче
За вкусно гравче, прстите да се излижат, потребни се 500 гр. грав, главица кромид, 1 праз, 2 лажици доматно пире, цел домат, 2 чешниња лук, сол, црн пипер, лажица црвен пипер и 60 мл масло. Гравот се потопува во топла вода и се остава да кисне цела ноќ. Утрината се фрла водата, се полни нова и се става да се вари додека зрното целосно да омекне. Најдобро е да се вари на тивко и полека. На масло се пропржува ситно сечкан кромид и праз додека да омекне. Се додава доматен сос и уште малку се динста. Се додава црвен пипер и се трга од огнот. Сварениот грав се цеди и се префрл во керамички или земјен сад, па се прелива со динстаниот зеленчук и се додава ситно сечкан лук. Се меша, се посолува и се додава Дафинка по вкус. Се додава малку од водата во која се варел гравот. На површината може да се наредат доматите на кругови, па се пече во загреана рерна на 200 степени додека да зарумени и да фати убава коричка.
![]()

