Вработените и учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ го прославија патрониот празник СИЛНА ПОРАКА ОД ДИРЕКТОРКАТА: „ЛЕТАЈТЕ, НО ВРАТЕТЕ СЕ ОВДЕ“

Се одбележаа 161 година од раѓањето на идеологот на македонската револуционерна борба, Ѓорче Петров. По тој повод беше положено свежо цвеќе на споменикот во центарот на градот и на спомен-плочата кај родната куќа во Варош. На свечената академија, што се одржа во киното Мис Стон, акцентот беше ставен на иселувањето на младите, како од градов, така и од државава. Директорката Жанета Видевска на крајот од говорот, со порака и ги повика младите да останат тука, во родниот град, за Прилеп да остане пристојно место за живеење.

Жанета Видевска, директор

– Драги наши ученици, вие кај нас растете со нас, ние летаме со вас, и нашиот професионален ангажман нема смисла без вас. Вие брзо ќе одлетате откај нас, ќе заминете на студии по градовите низ Македонија, но запомнете нешто многу важно: Штип и Битола се премали за распонот на вашите крилја, Скопје е пренаселен град, а сѐ што е надвор од границите на Македонија е предалеку за вашите родители. Затоа, летајте наоколу, но вратете се овде бидејќи вие сте иднината и надежта на Прилеп – рече Жанета Видевска, директор на СОУ „Ѓорче Петров“.

Настап на сите ученици заедно

Во пригодната програма учество зедоа сите учениците со посебни образовни потреби со коишто работи стручен инклузивен тим на училиштето.
На 28 јуни 1921 година, за време на неговата вообичаена попладневна прошетка, пред домот во Софија, бил убиен Ѓорче Петров, последниот од идеолозите и столбовите на македонската револуционерна организација. Убијците и нарачателите на убиството му организирале величествен погреб, дури и држеле говори пред неговиот гроб. Пукањето в грб од близок, не е ништо друго освен кукавички чин на предавство, а Ѓорче Петров бил убиен токму од оние на кои им јаподарил својата доверба, оние со кои мислел дека дели заеднички идеал, а тоа е борбата за слобода на Македонија. Ѓорче Петров живеел 56 години од кои скоро 40 ги посветил на активна револуционерна, научна и публицистичка дејност. Тој бил еден од ретките кои подеднакво добро ракувале и со пушката и со перото.
Во периодот што измина СОУ “Ѓорче Петров”, во соработка со Општина Прилеп, направена е комплетна дигитализација на сите училници, ходници и кабинети коишто ги опремивме со ЛЦД проектори, телевизори, персонални и лаптоп компјутери идигитални табли. Извршени се зафати во кабинетот по практична настава за профилот фризер, спортската сала и соблекувалните. Една училница пренаменета е во просторија за изведување теоретска и практична настава за учениците од текстилно-кожарската струка. Континуирано се обезбедуваат нагледни средства, наставно – образовни помагала и материјали за работа за сите струки и профили, како и книги на македонски и на англиски јазик со кои е збогатена училишната библиотека. Обезбедени се современи машини и опрема за одржување на хигиената во училиштето и континуирано, дел по дел, хортикултурно се уредува училишниот двор.

Loading