Над 65 отсто од возрасното населението во Македонија има прекумерна телесна тежина, а на 30 отсто од возрасните живеат со дебелината како хронична болест. Дебелината е причина за појавување на диабет, висок крвен притисок и многу срцеви заболувања. Прилеп доби Центар за менаџирање на дебелината, прв од ваков тип во градов и во Пелагонискиот регион. Се наоѓа во просториите на првиот кат од зградата на Здравствениот дом. Пациентите услугата може да користат со упат од матичен лекар преку Мој Термин.

- Овој значаен проект е инициран и реализиран од ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп, со цел унапредување на здравствените услуги и обезбедување современ, стручен и интегриран пристап во третманот на дебелината – изјави Кире Јоноски, директор на ЈЗУ Општа болница.
Со помош на апаратот „Ин боди“ ќе се одредува телесната дистрибуција на масно ткиво, односно распределбата на масти, како и присутноста на мускулна маса. - Потоа ќе се прават лабораториски анализи, ќе се врши едукација на пациентите околу начинот на исхрана, промена на животните навики, физичката активност, како и ќе се препорачува соодветен третман, дали тоа ќе биде промени во исхраната, начинот на исхрана, физичка активност, или пак ќе се препорачува фармаколошка терапија ќе зависи од профилот на самиот пациент – рече Спец. Д-р Катерина Чешлароска Маркушоска, ендокринолог.

- За жал, се уште не ја поставуваме дијагнозата за дебелина Е66. Ваквите центри за менаџирање на дебелината се идентификуваат како центри за рано дијагностицирање, современ и навремен третман, манџирање и превенција на компликации – рече Проф. д-р Ирфан Ахмети од Клиника за ендокринологија – Скопје.
Со цел да се подигне свеста, научното здружение за дебелина „ОБЕМ“ има кампања насловена „Кругот на поддршка“ .


![]()

