Марија и Илија Јанчулески, брат и сестра, музичари
Неодамна се обнови градскиот дувачки оркестар за чие постоење беше најзаслужен Илија Јанчулески – Јанчуле (1938 – 2015). Тој беше диригенската палка, а за неговиот значаен придонес во културно – уметничкиот живот, градот му се оддолжи, доделувајќи му ја третоноемвриската награда во 2008 година. Но, Јанчуле освен што придонесе за градот, за музиката која му беше живот, остави и свои крвни наследници. Го посеа семето на музиката во својата лоза. Традицијата во музиката, ја наследија неговите внуци, Марија (28) и Илија (31) Јанчулески. И двајцата се дипломирани музичари на Факулетот за музичка уметност во Скопје. Марија свири виолина, а Илија, кларинет.










Двајцата во гените, во дезоксирибо нуклеинската киселина (ДНК), имаат музика. А, како не би ги имале нотите и тоновите, кога израснале со песна и ритам. Во нивниот дом, музиката била секојдневие. Од дедото Илија и бабата Надежда, не само што ги учеле првите чекори и зборови, туку и првите тонови и музички знаци. Како музички педагог од 1958/59 година до крајот на 2001 година, Илија се пензионирал од ОМУ “Ордан Михајлоски – Оцка”. Не само тој, туку и неговата сопруга Надежда цел век била наставник по музика во основните и во средните училишта. Марија признава дека ги имала најдобрите домашни ментори да научи да свири.
– Баба ми Надежда (85) е пијанист, дедо ми Јанчуле беше хармоникаш. Мојата определба да свирам виолина, беше резултат на повеќе околности. Имав среќа што сум растена опкружена со музички мајстори во домот, а секако заслужни за успехот се и моите педагози. Успехот во музиката се должи на талентот кој го поседуваш, но секако и на вежбањето, поддршката најпрвин во домот, па и во образовниот процес. Освен, музиката, немав друг патоказ за избор во животот – објаснува Марија Јанчулеска.
Илија Јанчулески (31) гордо го носи името на деда си. Свири кларинет. Од сабајле до вечер растел со музика, како трета генерација во семејството.
– Влијание имаа баба ми и дедо ми. Дедо ми свиреше труба, хармоника, тромбон, а баба ми пијано. Претпоставувам дека им недостасувал кларинет. Заслужен беше и наставникот Драгољуб Бузески. Во основното музичко училиште работам како професорот замена за флејта – вели Илија.
Илија оформил и свое семејство. Има близначиња на 8 месечна возарст кои често ги држи во рацете и кои периодот за вежбање го узурпираат со плачот. Но, семејната радост ќе биде уште поголема, доколку и тие го продолжат музичкиот код во семејството Јанчулески.
– Најмногу се пронајдувам во класичната музика. Ја сакам и народната. Но, друго е чувството кога свирам класика. Тоа е посебна емоција. Со сестра ми, двајцата и плус уште еден член, можеме да создадеме група – вели младиот Илија.
И двајцата, моментно се професори во основното музичко училиште “Ордан Михајлоски – Оцка”. Ја сакаат педагошката работа, затоа што знаењето може да им го пренесат на помладите генерации. Сложни се дека клучен е талентот, но важно е и вежбањето за успех во музиката.
– Живееме во иста куќа која секогаш е весела. Вежбаме секој сам и тоа во различен период од денот. Од срце признавам дека брат ми е поталентиран. Со поголема леснотија нему му оди свирењето на инструментите. За разлика од мене, која сум поработлива, како дедо ми – вели Марија Јанчулеска.
На нивните предци, бабата Надежда и дедото Илија, им ја исполниле желбата да настапуваат и свират заедно, на заедничкиот концерт кој се одржа 2022 година. Идејата била на Марија, а по сугестија на бабата Надежда која уживала во изведбата, настанот го именувале “Традицијата продолжува”. Горди се што музички корен влечат дури и од прадедо им Киро. Не ја исклучуваат можноста и од повторно заедничко појавување на подиумот.
МАРИЈА ИМА ЖЕЛБА ДА НАСТАПУВА ВО ЊУЈОРК
Освен секојдневното вежбање и другарување со виолината, одржувањето на настава, Марија Јанчулеска активно учествува во неколку музички состави со кои настапува во држвава, и надвор. Со камерен оркестар гостувала во Јапонија. Дел е од триото Стрингс Ладиес со кое настапуваат на церемонии, прослави, настани. Има желба со квартетот Пелагонија да настапува во Њујорк.
ИЛИЈА СВИРИ ВО ЛИБЕРО БЕНД
Илија е член на скопската музичка група Либеро бенд која е мошне позната и настапуваат низ државава. Негуваат забавна македонска, поп музика, евергрини, балканска и свадбарска музика. Брои 6 члена. Подготвуваат и нов снимен материјал. Активен е и во Градскиот дувачки оркестар.
![]()

