Татко и син во иста екипа!

Соиграчи се 46-годишниот Ивица и 17-годишниот Христијан

Голема реткост во спортот е татко и син да бидат соиграчи. Братучеди, браќа и други роднини има, ама татко и син многу ретко. Речиси, никогаш. Којзнае кога е забележано таткото уште да игра и не ја завршил долгата кариера, а веќе пристигнал неговиот наследник за играњето во сениорскиот тим.

Во екипата на Младост од Кривогаштани, екипа учесник во Третата фудбалска лига – Југ. Таткото е Ивица Мијајлески, со полни 46 години.

– Возач сум, цела недела излезен од дома. Ќ е се откажев од фудбалот да не беше син ми Христијан. Игра на позицијата лево крило. Десничар е, затоа е лево крило. Прво заигра за Братство од Големо Коњари, за добивање почетно искуство. Оти ако беше веднаш во третолигашки ранг, немаше да има минутажа, а вака во понизок ранг, Општинска квалитетна лига, одигра повеќе и го доби потребно искуство. На 16 години играше за Братство, сега на 17 години го зедов со мене во Младост. Дојде синот во екипата. И таткото мора да продолжи – вели Ивица.

Татко и син! Уште во записникот, бројките зборуваат за ова чудо. Ивица  е роден во 1979 година, а Христијан (ученик во Индустриско) во 2009. Разликата е безмалку 30 години! На иста страна, соиграчи, најчесто Ивица е со бројот 9 на дресот, Христијан со 11. Ивица почнал како голман, продолжил на сите други позиции во тимот, а Христијан засега е лево крило. Како изгледа настапот на татко и син заедно?

– Се помагаме еден со друг. Му се случува да викне: “Тато, пушти!”, а тие што слушаат по првпат им е чудно, Затоа му велам да ме довикува “стари”, како и другите во Кривогаштани што довикуваат, по навика. Да не биде “тато”, како тој што е навикнат. Навиката е во прашање тука – пренесува таткото.

Публиката дури сега дознава за овој феномен. Таткото Ивица очекува и натаму да игра покрај синот Христијан. Се мисли дека годините 46-47 тежат, ама се издржува ако се знае дека во истата екипа има и постари што играат, на пример капитенот, 54-годишниот Роберт Пејоски, роден на 25 јануари 1972 година.

– Убаво е чувството заедно да се игра со синот. Планираме да поиграме уште заедно, додека земе залет. Затоа не се пензионирам. И другите не ме оставаат. А со син ми е многу полезно да се игра. Да му покажам одблиску како треба, И заштита има, сé што треба. Поддршка на некој начин. Ќе му свикам “Гледај колку сум стар и можам, а ти на овие години?” Поттик за да игра повеќе, да трча, да се залага – образложува таткото.

Родени во Прилеп, со потекло од Врбјани, а жители на Крушево. Од градот каде излегуваат големи фудбалери. Никој не ги заборава Борче Ангелески – Влашето и Илија Најдоски, со голем печат во историјата и на прилепска Победа. Потоа Најдоски беше европски и светски шампион со белградската Црвена звезда. Свој печат остава и овој случај – синот со таткото. 

– Женет сум со сопруга оттука. Ме влече страната од Кривогаштани. Затоа играм 25 години во Младост. Ме бараа други клубови како Питу Гули во Крушево или во соседното Кичево. Откако се оженив почнав да играм за Младост, во третолигашката конкуренција. Играм на сите позиции, можам уште, иако имам 46 години. Среќен сум што има и постар од мене, Коце Анѓелески од Десово, играч на Корзо од Прилеп. Игра на безмалку 62 години. Само професијава возач мене може да ме запре – порачува Ивица.

Следниот првенствен меч на Младост е в недела во Кривогаштани, со велешкиот Превалец. Синот Христијан ќе настапи, но таткото Ивица најверојатно првпат ќе биде отсутен, бидејќи пред некој ден професијата возач го оддалечила во странство.

Loading