Даниел Мелвил – Македонска рапсодија 117

Таа ноќ, кога Херминија си отиде, Столе се вртеше и се превртуваше во креветот, размислувајќи за предлогот од старицата. Зар е потребно да се земат неколку илјади германски марки? Сигурно е дека Херминија не располагаше со поголема сума. Најпосле си рече: Па зошто не? Јас и без тоа не сакам пак да настадам во некоја љубовна авантура. Со Херминија барем ќе бидам мирен, а и земајќи ја за жена, ќе сторам добро дело, оти освен мене, таа нема никој друг близок на овој свет. После донесувањето на ова решение, веднаш заспа.

Набрзо се венчаа и го пријавија нивниот брак во Германската амбасада. Кога им јавија од Амбасадата дека нивниот брак е регистриран и признат од надлежните власти во Германија, Херминија му рече на Столе дека мора пак да отсуствува на подолго време, заради многу важна работа. Иако незадоволно, момчето се согласи, но никако не сакаше да ги прими неколкуте илјади германски марки што старата жена сакаше да му ги остави “да му се најдат”.

Минаа неколку месеци без никакви вести од Херминија. Дојде пролетта и со неа едно писмо од сопругата на Столе Рипила. Во него го информираше на германски дека кога му предложи да стапат во брак, тоа го сторила затоа што се разболела од неизлечива болест. Сакала нему да му остави сé што поседува. Потоа си отишла да не му ги наметнува маките од последните дни на живот пред очите. Сега крајот и е блиску. Му се заблагодарува за искреното, некористољубиво пријателство и за сите пријатни моменти што ги минала во неговото друштво… “Знам дека ти ќе ми бидеш достоен наследник мене и на моите предци”, малку мистериозно додала во писмото Херминија.

Шест недели по писмото, Столе Рипла доби известување од Германија, од извршителот на тестаментот на Херминија, дека таа починала и потребно е тој да отиде во неговата канцеларија да присуствува на отворањето на завештението.

Барем за да го посети гробот од својата пријателка – сопруга, Столе отпатува во Германија. При отворањето на тестаментот, момчето дозна дека “бедната стара жена”, му оставила околу осумсотини милиони германски марки депонирани во неколку банки во Германија, а и во други земји. Освен тоа, го наследил и нејзиниот дворец.

Кога пристигна во семејниот дворец од Херманија, наследен од нејзините предци, целиот персонал веќе го чекаше новиот сопственик. Стариот дворец, одлично одржуван, поседуваше голем терен со шума, со паркови, скулптури, водоскоци. Во големата дневна сала го дочекаа Столета предците од жена му Херминија. Го гледаа со нивните очи од кадрата обесени на ѕидовите. Меѓу нив беше и еден од предците на жена му, кој живеел во 12 век и се истакнал во теологијатата и во други културолошки и научни домени.

Столе побара од придружниците да го остават сам пред урната со пепелта од жена му на која и донесе не букет, туку саксија со живи цветови. Седна пред урната, се замисли, и солзи почнаа да му се тркалаат по лицето.

 (продолжува)

Loading