Вештачката интелегенција влезе во берберница

Кој има влезено во берберскиот дуќан на Стојан Талески, во Вишне, ја има и видено фотографијата која веднаш паѓа в очи при влезот. Владимир Путин е на стрижење кај бербер Стојан! Зарем е можно? Политичар од светски рамки, а тука кај нас на дотерување на главата, косата. Побаравме објаснување.

– Имам внук кој работеше во Владата во Скопје. Тој е експерт за новава технологија, со камери, фотоапарати, познавач на најновиве безбедносни системи и слично. Му поставив прашање. Што е вештачка интелигенција? Ми одговори, Кого сакаш да стрижеш од најпознативе светски лидери? Му одговорив, Путин, Омилен ми е. Го чувствувам како најблизок. Западниве толку не ми се допаѓаат. Повеќе сум  наклонет кон Исток, кон државите и народите со кирилично писмо. Поблиски ги чувствувам тие што се служат со кирлица. Затоа, Путин – објаснува берберот Стојан.

Желба му е да го дотера големиот Путин. Не е недостижна.

– Внук ми вели да ја завртам столицата да видам што е вештачка интелигенција. Вели да ја слика столицата. Ја завртив и ја сликаше. Ми рече да застанам до неа и мене да ме слика. Рече сега, така, так, так, со прстите на мобилниот телефон. Готово е. Се обработува. Излезе на екранот слика каде што јас го стрижам Путин. Тоа е вештачка интелигенција. Ја пушти сликата на Фејсбук. Потоа почнале, како што рече, да се јавуваат луѓе, да коментираат – кажува Талески.

Така, со монтажа, желбата бргу му се “оствари” на берберот “да го стрижи големиот Путин”.

– Со Ленин Јовановски од Скопје, двајцата сме најголеми обожуватели на Путин. Сум бил и во Москва, во Кремљ. Една камбана таму тежи 200 тона. Огромна. Само тоа парче пукнато е 12 тони. На земја е. Прашав зошто не ја креваат горе, сакав да клепам на неа, да ја удрам, ми одговорија дека е претешка. Што ќе крепи 200 тона. Затоа е на земја, во Кремљ – се сеќава Талески.

Немал можност да добие дозвола да се поздрави со Путин во Москва.

– Кој те пушта? Имав желба да го поканам да го средам, да го истрижам или избричам. Ама, има најголемо обезбедување. Највисоки мерки за заштита. Таа желба ми останува. На располагање сум за Путин. Можам да му бидам личен бербер. Секој ден слушам вести за него. Тој е најголем, не треба да го задеваат. Не може мало куче да се дави со шарпланинец. Со глава ѕид не се турка. Тој кажа дека “мечката спие и не ја чепкајте”. И Баба Ванѓа велеше оти четврти Владимир ќе ја спаси Русија. Еве вистина –  вели берберот.

Стојан стрижел познати луѓе, какор адмиралот Звонимир Костиќ, аѓутантот на Тито, генерали за време на служењето во ЈНА во Белград,.

Loading