Даниел Мелвил Македонска рапсодија 116

Од таа вечер почна пријателството меѓу старицата и младиот човек. Столе понекогаш ја канеше на вечера во некој поскромен ресторан, оти не располагаше со многу пари. Платата не му беше висока. Или, на негов трошок одеа по музеи. Ја посетија Версајската палата. Ручаа студено јаде, купено во Париз, во големите градини. Старицата се обидуваше понекогаш нешто да плати. Столе не сакаше ништо да чуе. Како би можел да прими нешто од една видно многу бедна жена, која веројатно спиеше кој знае во каква дупка, ако не  надвор по улиците! Еднаш и рече:

– Да не живеев во малечка соба, без конфор, ќе ве поканев да дојдете на стан кај мене. На стари години ќе имав мајка – í рече.

– Не е важно, се снајдувам некако – реплицира Херминија.

Во дискусиите, што некогаш траеа повеќе саати, Столе забораваше дека разговара со жена без дом и без никој близок, заради големите знаења за старицата. И тоа на најразлични теми. “Оваа жена, некогаш треба да била некој и нешто” – си велеше во себе. “Додуша и сега е некој и нешто, ама кој знае од каква трагедија станала бедна”. Тактично избегнуваше дасе интересира за нејзиното минато, оставајќи спонтано таа да му се довери некогаш, ако осети желба.

Херминија почна да го учи германски. Столе, со дарба за учење јазици, брзо напредна. Почна да чита и книги на тој јазик. Така, разговараа некогаш на француски, а другпат на германски. По околу три години учење и пријателство со старицата, момчето практично научи течно да зборува германски. И лектирите не му претставуваа проблем. Во третата година, од пријателството, Херминија му соопшти дека ќе отсуствува подолго време. Му остави една адреса на пост рестант во еден германски град, за да í пиши, доколку сака. Или да одговори на нејзино евентуално писмо. И замина. Овој пат отсуството му падна потешко отколку порано. Во таа смисла, í пиша писмо во Германија. Дури сега јасно осозна колку големо место зазела старицата во неговиот живот. Осамен шеташе низ Париз. Размислуваше. Реши да бара поголем стан, сиромашната жена да се всели кај него, да му биде и пријател, и наместо мајка. И пиша второ писмо. Ја замоли да размисли и да му соопшти дали се согласува со предлогот. Но, не доби одговор.

Една тажна, врнежлива есенска вечер, ненадејно некој чукна на вратата од собичката настанот од Столе Рипила. Отклучи и се израдува. Пред него во полутемниот ходник стоеше Херминија.

– Влезете, ја покани (покрај веќе постарото пријателство, таа му се обраќаше со “ти”, а тој од почит неа не си дозволуваше).

Како и порано што правеа, кога Херминија му идеше на гости, седнаа пред филџан кафе. Старата жена му рече:

–  Дојдов со важен предлог за тебе.

– Знам.

– Како “знаеш”?

– Па нели ви пишав дека сакам да барам поголем стан и да се  вселите кај мене, да имате пристаниште, а не да се малтретирате не знам како и каде.

– Не, Столе, мојот предлог е друг. Поседувам извесен имот и би сакала ти да го наследиш после мојата смрт.

– Н се шегувајте. Вие ќе живеете уште многу години!

– Не е сигурно. Човек не знае како и каде смртта може да го начека. За да го добиеш наследството, мојот тестамент можеби не би бил доволен, иако немам поблиска фамилија или, поточно, иако немам никакви живи роднини. Сепак, можеби се нашол некој кој би го оспорил тестамент со кој ќе ти оставам сé што е мое. Затоа, најдобро ќе биде да се венчаме.

– Да стапиме во брак!, се зачуди Столе.

– Да, размисли добро. Не очекувам брачна љубов, туку само пријателство како досега. Ама, Столе, бракот со мене ми изгледа најдоброто решение да бидеш наследник. Размисли, моето наследство ќе ти даде слобода каква што ја немаш сега. Првин, ќе те ослободи од работата во фабрика да се оддадеш наа други активности, на читање, на културолошки активности и воопшто да полнеш нов живот што повеќе ќе конвенира на човек каков што си. Твојот одговор ми треба во најскоро време.

 (продолжува)

Loading