За жената постојата голем број на изреки, напишани се многу песни, романи, драми и други литературни дела. Но, колку и да е напишано малку е, жената заслужува многу повеќе. Таа е вечна тема. Писателот Оскар Вајлд ќе рече: “Силата на жената произлегува од факт што ни психологијата не може да го објасни. Мажите може да се анализираат, а жените… само да се обожаваат”. Нобеловецот Иво Андриќ, ќе додаде: “Жената стои, како капија, на излезот и на влезот во овој свет”. Но, можеби академикот Гане Тодороски во својата поезија, за жената, дава најинтересни и најпрецизни карактеристики кога вели дека: “Жената е… Прва љубов разнеЖЕНА, златна лира обжеЖЕНА, ѕвезда в дланки доблиЖЕНА, младост в жили раздвиЖЕНА, мајка кутра загриЖЕНА”. Додава дека жената е: гиздавица, жегавица, лизгавица, секавица, валавица, палавица и лавица. Овие “зборовите” за жената, на тројцата великани на литературата, ги зедов за појдовни, особено што тие, живееле, твореле или имале допир со периодот кој е предмет на наш интерес, а се однесува на улогата на жената. Во 1910 година во Копенхаген се одржува прва Меѓународната конференција на жената, на која, на предлог на Клара Цеткин (1857-1933), германски социјалистички политичар и борец за женските права, прогласен е Меѓународен ден на жената без прецизиран датум. Симболиката на овој празник требало да биде актуелизирање на барањата за подобрување на условите за работа на жените и квалитетно подобрување на социјално – политичкиот статус во општеството. На 8-ми март 1913 година жените ширум светот одржуваат собири. По Октомвриската револуција од 1917 година, во Русија, на иницијатива на Александра Колонтај (1872 – 1952), борец за женските права и револуционерка, 8-ми март е прогласен за Ден на жената, по повод големи антивоени демонстрации во 1917 година, одржани од жените во Москва. Во Скопје се празнува во 1920 година. Во ослободена Македонија првиот празник се одбележал во 1945 година. Во Прилеп, поради лошите временски услови, собирот бил во Соколаната, каде не можеле да се соберат сите жени. Бил наместен звучник за да чујат и насобраните жени надвор од салата. Истата година, жените во Југославија добиле право на глас, па на изборите во ноември, за Уставотворно собрание гласале и жените со наполнети 18 години. Со одлука на ОН од 1975 година, 8-ми март е прогласен за Меѓународен ден на жената. Во 1977 година на повик на Генералното собрание на ОН огромен број земји членки го прогласија 8-ми март за официјален празник на Светската организација посветен на правата на жените и светскиот мир. Од тогаш, Меѓународниот ден на жената се прославува на глобално ниво со фокус на движењето за правата на жените, родовата еднаквост, репродуктивните права и борбата против насилството и злоупотребата на жените и за да се одбележи нејзината улогата во историјата во борбата за еднаквост, правда, мир и развој.
Прилепската жена се истакнувала во секојдневниот живот како добра домаќинка, која готвела, чистела, перела, работела на нива, во градината, со стоката. Знаела да шие, везе плете, преде, ткае. Изработувала алишта, носии, за која требало големо знаење и трпение. Носела невестинска носија од повеќе делови, тешка до 40 килограми. Придонесувала и во тутунопроизводството покрај експлоатацијата во монополот. Била “главна” при одгледување на градинарски култури. Се одликувала со виртуозни вештини за готвење. Месела леб, зелник, мазник, колпишмиде, питулици, сучела кора… Подготвувала мусака, тас-ќебап, турлитава, сарма, ширден. Во мариовските села од млекото, знаела да прави бело и биено сирење, изварка и матеница. Таа ги почитувала и ги применувала разновидните народни обичаи поврзани со животот, раѓањето, мажењето, женењето, умирањето, како и други мигови од животот, како и обичаи поврзани со верски празници, односите во семејството, селото, еснафот и други. Во почетокот на 20 век, влијанието од Запад било сé поприсутно. Слободата на движење била позабележителна. Повеќе се “слушал” гласот на љубовта и правото на избор на животен сопатник. Сепак, постоела професија стројник – стројничица која посредувала меѓу семејствата, односно младоженците. Познати стројничици во Прилеп од овој период биле: Ташка Анасташка, Петра Машкапетра, Софка Прилепчанка и други. Со образованието, не ретко е интелектуален генератор. Така се среќава во повеќе области на општественото живеење. Интелектуалниот развиток02 бил скромен, но има и такви личности со кои можеме да се пофалиме и гордееме без разлика дали биле од Прилеп или дејствувале во Прилеп и прилепско. Во борбата за слобода и одбрана на својата родна грутка, прилепчанката имала значајна улога во отпорот и поднесувала големи жртви. Се истакнувале Султана Делчева, Анастасија Узунова, Константина Русинска, Румена Војвода, Сирма Војвода, која животот го завршила во Прилеп во 1864 година, убиена од Турците на 85 години. Жената револуционер била вклучена во организацијата. Помагала на движењето Параскева Лозанчева, директорка на Прилепското женско училиште, подоцна жена на револуционерот од Битола, Анастас Лозанчев. Потоа, Цветанка Сеноколзлиева, која поради револуционерни активности била затворена, Фота Роканова и други. Со делбата на Македонија по Балканските војни, соседите спроведувале политика на национална обесправеност и економска експлоатација. Во такви услови жената ја играла значајната улога во семејството и општеството како мајка, сестра, свекрва или баба. Била учителка, здравствен работник, припадник на некој еснаф…. Во 1865 година во куќата на револуционерот Пере Тошев било отворено првото женско училиште со првата учителка баба Недела Петкова Караиванова. Запишани биле 180 прилепчанки. По Првата светска војна во Прилеп е отворено Женското занаетчиско училиште. Се учело кроење, шиење, килимарство и други занаети во зграда на Заводот и музеј во Прилеп. Во 1923 година почнала да работи учителска школа. Подготвувала учители за училиштата низ Македонија. Запишани биле 28 ученици, од кои 8 ученички. Истакнати учителки од Прилеп биле Евгенија Јанчулева Ракиџиева (со завршена Солунска женска гимназија, директорка на Прилепската женска гимназија), Сава Алексиева… Со појавата на маларија, тифус, туберколоза, дифтерија, дизентерија, скарлатината (шарлах) и други болести, жените биле препуштени сами на себе или на некоја необразована полувешта жена. Раѓањата биле изведувани во крајно нехигиенски услови. Првата образована бабица во Прилеп дошла од Ресен во 1908 годин. Таа е Гајтановиќ. Потоа Пандора Џувалекоска, која е прва образована бабица од Прилеп, со завршана Кралска бабичка школа во 1926 години, па Зора Чичевиќ и Рахила Патоска. По Првата светска војна, куќата на Панче Маџар, била адаптирана во Американска женска болница. Имало здравствен персонал, медицински сестри, бабици, болничарки… Од забното лекарство се Ксенија Аќимовиќ од Врање, Вера Ацева (не Народниот херој), која своето школување го завршила во Минхен, Германија, а во аптекарството се истакнуваат: Рада Дудеска, која студирала во Загреб, потоа, Смиља Зориќ, која учела во Виена, Лујза Стојанова (родена Бомболоска)… Бил организиран курс за болничарки. Го посетувале скоевки и други напредни младинки како Вера Ацева, Вера Циривири, Панде Чесноска, Ценка Тутеска, Ратка Јованоска Крстеска, Зора Крстеска, Спасија Иваноска – Народот, Добрица Пепељугоска, Анастасија Сугареска, Добрица Грабулоска, Мирјана Џамбазоска-Лапе и други.
Спортскиот дух се развивал преку Соколското друштво одо 1924 година. Членувале и младинки за слетови, игранки, гимнастички натпревари и други активности. За споменување е еманципираната Дафа Цепенкова, тетка на Марко Цепенков. Таа била пеачка со весел карактер. Доживеала 105 години. Учителката Олга Николоска подготвувала драмски пиеси. Била голем вљубеник во книжевноста на францускиот писател, новинар, хуманист и голем пријател на Македонија, Анри Барбис. Таа имала голем придонес за професионалната ориентација на својот сопруг Васил Николоски, учител, композитор и диригент на мешаниот хор.
Од 154 носители на Партизанска споменица 1941, од 33 се жени, прилепчанки. Во Могилата на непобедените, впишани се имињата на 20 жени – борци, прилепчанки, кои ги дале своите животи за својата татковина како сестрите Вера и Нада Циривири, Панде Чесноска, Илка Присаѓанка, Пенка Котеска, Блага Ружето, Цена Џинорозот, Донче Црвенкоска, Нада Соколоска и други. И по ослободувањето, жената – прилепчанка, продолжила со својата важна улога во општеството и социјалистичката изградба на својата татковина. Една од нив е Васка Циривири, мајката на загинатите хероини, Вера и Нада Циривири, која била прв претседател на АФЖ. Мајката на народниот херој, Кузман Јосифоски – Питу, Лефта Јосифоска била потпретседател.
Жената прилепчанка претставувала значаен чинител на политичкото и општественото живеење, науката и културата во повоена Македонија. Такви се народниот херој Вера Ацева, била градоначалник на Скопје, Вера Долгова Корубин, Надежда Бајрактарова Ѓурчуловска (во медицина), Василка Димитрова Алексиќ (хемија), Смиља Конеска (физика), Васка Биџова Гајдова (музика), Нада Гешоска, Тодорка Кондова Зафировска (театарска уметност), Лилјана Минова Ѓуркова (лингвист-македонист) и уште многу други. Жената, прилепчанка од фабриките, установите, училиштата, од книгите, песните, на сликите е присутна во приказните на Марко Цепенков, во делата на Блаже Конески, Стале Попов, Димитар Талев, Коле Чашуле, Миле Попоски и други прилепски автори. Им била инспирација на уметниците Драган Попоски – Дада и Боро Митриќески. Жената е застапена и во делата на: Димо Тодороски, во муралите на Борко Лазески, Димитар Кондовски и многу други ликовни уметници
Жената е присутна насекаде. Неуништлива е, не се истребува, покрај толку страдања низ војни и епидемии. “Оживува”,”раѓа”…
Рубинчо Белчески, историчар
![]()

