Истражувања, заштита, музејска дејност

Завод и музеј

Заводот и музеј и година ќе реализира богата програма од областа на заштитата на културното наследство, од музејската дејност, заштита на локалитетите, истражувањата, конзервацијата.

Тоа беше поводот за разговор со Мимоза Христоска, директор на Завод и музеј Прилеп.

Заводот и музеј има делегиран буџет за работа. Што значи тоа?

Како лани, и годинава делегираниот буџет е значаен институционален чекор и потврда за стабилноста и кредибилитетот на установата. Средствата се обезбедуваат преку Министерството за култура и туризам со кое институцијата остварува континуирана и конструктивна соработка. Располагаме со утврдена и обезбедена финансиска рамка за целата година. Тоа ни овозможува континуитет во реализацијата на програмските активности, редовна исплата на обврските, како и непречено спроведување на проектите од областа на заштитата на културното наследство, музејската дејност и инвестициското одржување. Делегираниот буџет носи и поголема одговорност. Имаме обврска средствата да ги користиме законито, транспарентно и рационално, во согласност со утврдената годишна програма и приоритетите на институцијата. Ваквиот модел на финансирање овозможува подобро планирање на конзерваторските зафати, археолошките истражувања, изложбените активности и едукативните програми, како и развој на нови проекти кои ќе го збогатат културниот живот во градот и пошироко. Делегирањето на буџетот е и израз на целосна доверба и партнерски однос со Министерството за култура и туризам, кое системски се грижи за институциите од областа на културата. Соработката потврдува дека Заводот и музеј располага со административен и професионален капацитет за одговорно управување со јавните средства во интерес на заштитата и промоцијата на културното наследство.

Колку проекти ќе имате и на што ќе биде ставен фокусот годинава?

Со годинешната програма ќе се реализираат 30 стручни проекти, од кои 15 се од заштитата на културното наследство, а 15 од музејската дејност. Проектите од заштита опфаќаат конзерваторско-реставраторски интервенции, археолошки истражувања, стручна документација и активности насочени кон зачувување на недвижното и движното културно наследство. Во музејската дејност ќе се реализираат изложби, истражувачки проекти, едукативни програми, ревалоризација и збогатување на музејските збирки, како и активности поврзани со современа презентација на културното наследство. Покрај програмските активности, предвидени се и проекти за инвестициско одржување на институцијата, кои вклучуваат набавка на стручна и техничка опрема, како и тековно одржување на објектите што се под надлежност на Заводот и музеј, а имаат статус на споменици на културата. Институцијата обезбедува балансиран пристап меѓу заштитата, научно-истражувачката работа и современата музејска презентација, водејќи грижа за одржливоста и функционалноста на објектите што претставуваат значаен дел од културното наследство. Од годишната програма првин почнуваме со привремена заштита на културното добро во опасност во Крушево на споменикот Илинден – Македониумот. Ќе севрши заштита на иконостасот во црквата Св. Благовештение, одржување и уредување на локалитетите Стибера, Врбјанска чука, конзервација, реставрација и реконструкција на кралската гробница во Старо Бонче и други проекти. Преку музејската дејност ќе се осовременувана поставката на Музејот за тутун, археолошки истражувања на Стибера, одбележување на 85 години од почетокот на вооруженото востание, 11 Октомври, 1941 година и 65 години од Меморијалниот музеј 11 Октомври… Ќе реализираме и повеќе инвестиции.

Планирате ли издавање на публикации?

Предвидено е издавање на стручни каталози поврзани со изложбените проекти и истражувањата. Публикациите ќе претставуваат траен документ за музејските збирки, археолошките наоди и конзерваторските активности, но и значаен придонес кон научната и културната јавност. Покрај издавањето, планирани се и јавни промоции на публикациите за поширока презентација пред стручната јавност, медиумите и граѓаните. На тој начин, институцијата ја зајакнува образовната и културната мисија, овозможувајќи резултатите од работа да бидат достапни и видливи за пошироката јавност.

Loading