Даниел Мелвил Македонска рапсодија 115

Херминија

За Ханс Е… со фамилијата од Германија, во знак на пријателство и благодарност

Столе Рипил волетната саботна вечер седеше на клупата од еден мал париски парк, блиску до неговиот стан. Иако доста силен и здрав, на околу 30 години, чувстуваше малку умор од работата во големата фабрика. Претпочиташе да се одмора, отколку да го губи времето по кафеани со празни муабети на ниско рамниште. Или, како другите, со трчање по лесни жени. Бедно облечена стара жена му пријде до клупата. Го праша дали и дозволува да седне.

– Повелете – í одговори и си рече дека жената е веројатно клошарка која води бездомен живот по улиците. Таквите животот ги скршил психички. Немаат повеќе сили за борба и пропаѓаат подлабокот во тињата на градовите. Не можат повеќе да се извлечат. Му се случуваше на Столета понекогаш да заврзе разговор со бездомник. Така дозна дека некои од несреќниците се луѓе со извесна култура и интересни мисли и размислувања.

– Имате ли оган?, го праша жената, држејќи меѓу прстите незапалена цигара.

– Да, одговори Столе вадејќи го секалото.

– Знам дека е банално ова што ќе го речам, ама: деновиве имаме убаво време, забележа жената видно со цел некако да започнат разговор.

– Лете Париз може да биде многу убав. Се празни од илјадници жители. Заминуваат на одмор. По улиците има малку сообраќај. Го посетуваат десетици илјади туристи. Таков градов. Многу ми се бендисува, одговори Столе.

– Јас не ја сакам толпата. Навикната сум на самотија. Се прашам зошто млад човек како вас е сам во саботна вечер?

– Не ја сакам врволицата. Претпочитам да бидам сам. Се уморува од од работата во фабриката, кажа тој.

– А девојките? Се тврди дека Париз е градот на љубовта…

– Засега сум вакциниран против љубовните авантури.

– Лошо нешто сте доживеале?

– Доста тешко сентиментално доживување. Сега се лекувам со самотија, потврди Столе, кој имаше обичај искрено да зборува и да не ги крие своите мненија, што понекогаш му донесуваа непријатности.

– Како се викате?

– Столе, Столе Рипила.

– Од каде потекнува вашево име?

– Од Македонија. Сте слушале ли за таа земја?

– Како не… Филип и Александар Македонски, Свети Кирил и Методија…

Столе ја погледна изненадено, оти ретко се случуваше некој да знае која е и каде се најдува неговата татковина.

– Како што раскажуваше татко ми, кој беше правник, било древно македонско име, а за презимето не се знае од каде ни е дојдено, можеби било некогаш некаков прекар или, пак, и тоа е античко име.

– Како син на адвокат, да бидете работник во фабрика?!, се зачуди жената.

– Татко ми беше многу години вдовец. За мајка ми, умре млада, воопшто не се сеќавам. Кога тој почина, завршив голема матура. Скромното наследство го продадов и емигрирав на Запад, ете ја целата моја историја. А вие, како се викате?

– Херминија.

– Имто како да не е француско, да не сте од Алзас?

– Името ми е германско. Германка сум. За Франција и за Париз ме врзуваат спомени од младите години. Затоа овде минувам повеќе месеци годишно.

– Херминија…, како за себе изговори Столе, ако не се лажам тоа е името од едно мало животно, она што на македонски се вика Хермелин или ласица. На зима тоа има бела боја и затоа некои поети го поврзуваат со чистотата на едно суштество, па дури се пишувааат стихови за “пречистиот хермелин”…

Сетарицата го погледна изненадено:

– Каде сте ги учеле тие нешта?

– Насекаде каде е можно да читам, особено даома, во станот. Читањето ми е пасија. Кога одев во основно училиште, учителот велеше дека најдобриот пријател на човекот е книгата. Му верував, почнав да читам и досега не сум престанал.

– Разбирам.

– Како ви е презимето, госпоѓо?

– Не викајте ме госпоѓа, доста е Херминија. Некогаш ќе ви го кажам моето презиме, но вечерва го заборавив, се насмевна старата жена.

(продолжува)

Loading