Белодробни заболувања
“Астмата и ХОББ претставуваат хронични болести на респираторниот систем. Нивните симптоми, како што се стеснување на дишните патишта и отежнато дишење, се всушност последица на воспаленија. Кај астмата е последица на имунолошки одговор, или некоја форма на алергиска реакција, а кај ХОББ воспалението се јавува како последица на хроничен бронхитис или пулмонарна емфизема, кои предизвикуваат чести и тешки инфекции во раната возраст, нечист воздух и посебно пушење цигари”.
Ова го вели специјалистот Александар Башески. Според него, ХОББ првично се појавува како отежнато дишење, недостаток од здив и повремена сува кашлица.
– Со напредокот на болеста симптомите стануваат поизразени, а во дишните патишта доаѓа до прекумерно создавање на слуз, кој дополнително го отежнува дишењето, предизвикувајќи кашлица со секрет и неможност за искашлување. Со ХОББ често се појавуваат и вирусни и бактериски инфекции- објаснува докторот.
Астмата се манифестира со упорна сува кашлица, особено во текот на ноќта и во раните утрински часови, чувството на притисок и стегање во градите со недостаток на воздух (особено при напорни активности) и чудно свирење во градите при дишењето. Ѓ
– При астматичните напади, дишните патишта посилно се стегаат заради што не може нормално да се дише, со што се зголемува чувството на страв. Нападите може да бидат повремени, само при изложеност на “поттикнувачи”, како што се настинка, стрес, голем физички напор, контакт со алергени. Или може да бидат чести, посебно доколку болеста не се третира соодветно – вели Башески
ХОББ е болест која се превенира и се третира, а се карактеризира со перзистентна лимиплација на дишниот проток (опструкција) која е обично прогресивна и придружена со зголемен инфламаторен одговор на дишните патишта и белите дробови кон штетни партикли и гасови.
– Егзацербациите и коморбидитетот придонесуваат за вкупната тежина на болеста. Дефиницијата не ги користи термините хроничен бронхит и емфизем и ја исклучува астмата (реверзибилна опструкција). Хроничниот бронхитис се карактеризира со продуктивна кашлица во повеќе денови на 3 месеци, во најмалку две последователни години. ХОББ-от се манифестира во почетокот во средната животна доба. Симптомите постепено се влошуваат. Последица е на долг пушачки стаж. Опструкцијата е прогресивна и постојана. Дифузијата на респираторните гасови е често нарушена. Одговорот на бронходилаторите е слаб. Се јавува прогресивен тек на болеста. Астмата се јавува во раниот почеток на болеста обично во детството. Симптомите варираат од ден во ден и се јавуваат ноќе. Почетокот е најчесто изненаден. Фактори на ризик што предизвикуваат ХОББ се пушењето (85 % од заболените се пушачи), професионалните иританси во индустријата, како и користење на биолошки горива во лоши станбени и социјални услови, потоа ареозагадувањето или пасивното пушење. И генетскиот фактор има влијание. Таков е недостатокот на алфа-1-антитристин – објаснува Башески.
Според него, единствена превенција е прекин на пушењето, потоа едукација на децата и младите за штетноста од пушењето, преку програми за одвикнување од пушењето. Влијание имаат и медиумските кампањи, владина поддршка за забрани за пушење на јавни места и зголемување на данокот на цигарите.
– За клиничка дијагноза на ХОББ неопходна е спирометрија. Сите лекари кои се грижат за пациентите со ХОББ треба да имаат пристап до неа. Во центрите за астма и ХОББ пациентите се упатуваат за дијагностицирање. Спирометрија се прави на пушачи или поранешни пушачи постари од 40 години на пациенти со перзистентна кашлица и искашлување, потоа на пациенти со чести респираторни инфекции, пациенти со анамнеза за експозиција на ризик фактори. Раниот стадиум на ХОББ обично е “тивок”, па пациентот и лекарот не го препознаваат. Пациентот се јавува на лекар дури кога ќе му се наруши квалитетот на животот или во тек на егзацербацијата на болеста (се инсистира на специјалист). Ризикот се редуцира со превенција на прогресијата на болеста, превенција на третман на егзацербациите со што се доаѓа до редуцирање на морталитетот. Бронходилататорите се основни лекови за лекување на ХОББ. Се применуваат по потреба или редовно за спречување или намалување на симптомите – вели Башески.
Епидемиолошките наоди најчесто дијагностицираат карциноми. Кај мажите во белите дробови, простата, колоректумот, желудникот, црниот дроб, а кај жените во дојката, колоректумот, белите дробови, цервиксот и желудникот. Морталитетот е највисок од сите карциноми. Македонија во светски рамки е на трето место во светот по смртност од карцином на бели дробови кај мажите, втора во Европа. Се проценува дека околу 170.000 жители во Македонија боледуваат од ХОББ.
![]()

