ПРОДОЛЖУВА ПРИЛИВОТ НА ЕВРОПСКИ ПАРИ

Во Прилеп ќе се слеваат уште европски пари. ЕУ ќе го финансира проектот „Аквана”, вреден 700.000 евра, а Општината ќе аплицира и со други проекти до европските фондови. Продлабачувањето на соработката беше заедничкаат констатација по средбата што ја имаше градоначалникот Дејан Проданоски со Михалис Рокас, амбасадорот на ЕУ во земјава.

– Соработувавме во неколку големи проекти, меѓу кои се пречистителната станица, образовните програми Еразмус плус, сега сме во фаза на соработка преку проектот „Аквана” со сериозни средства од околу 700 000 евра, заедно во проектот на меѓународна соработка со соседните држави. Граѓаните ќе имаат поквалитетен живот. Прилеп преку проектот на третманот на отпадните води, станува збор за пречистителната станица, е лидер во земјава во оваа сфера – вели градоначалникот Дејан Проданоски.

Фокусот на соработката во иднина ќе биде на индустриската зона во Прилеп, наспроти имплементацијата на проекти во животната средина, во изградбата на институции за младите.

– Ќе разговараме за решавањето на цврстиот отпад и дивите депонии. Во иднина ќе разговараме за развој на туризмот. Како амбасадор на ЕУ ова е моја втора посета. Веќе ја планирам следната и размислуваме за многу други можности. Со градоначалникот го покренавме прашањето за индустриската зона која е важна за економскиот развој на градот. Разговаравме и за патната инфраструктура, за подобрување на поврзаноста на Прилеп со регионот – изјави евроамбасадорот Михалис Рокас.

За наесен е најавена нова посета на амбасадорот на ЕУ.

Во тек е повикот за проекти до 10 април. Општинската администрација подготвува проекти за добивање на европски средства за подобрување на животот на граѓаните.

Евроамбасадорот се сретна и со советниците и претседателката Билјана Кржеска.

Loading