Живот: Стеван Настески, геолог и трагач на феномени од природата
– Има само три ипол сантиметри и изгледа како гранче од лоза
Природата е преполна со чуда. За човек е потребно само љубопитство и да отвори врата кон непознатото.
Во ова не уверува искуството на сограѓанинот Стеван Настески, познат како геолог и иноватор со посебен поглед и однос кон животинскиот и растителниот свет. Го гледа она што други не го гледаат, како на пример жив, мал диносаурус, како што самиот го нарекол новото животинче.
– Секаде може да се најде, но е толку мало, што тешко се забележува. Обично е големо еден ипол сантиметар,. Најдениов во Галичани е најголемиот – три ипол сантиметри. Толку голем не сум видел. Претходните беа ситни со жолтозелена боја, а овој е со боја на исушено гранче од лоза. Формата му е како диносаурус и затоа така го нареков. Има и свое латинско име, за кое знаат биолозите – вели Настески.

Значи мал, мини – диносаурус. Телото му е од неколку дела. Прво се четирите нозе, по две задни и предни со кружни прстени со кои може да се фати и цврсто да се држи за некое растение. Нагоре има кренат долг врат, околу три сантиметри. Изгледа како дигалка-кран. На врвот е главата со три сензори, како раце-фаќалки со кои ја допира околината. Оти ова е слепо животинче и така живее – без очи. Таков му е родот. Оди по ниските растенија, тревките, од кои се храни. На главата има уста-цицалка со која цица сок од растението.
– Се прицврстува до растението, како да е вкопано со канџи во него. Се прицврстува на гранка. Интересно е како ја наоѓа гранката: кружи во просторот, се врти како купола, како радар лево-десно, долу-горе и бара некоја тревка. Кога ќе се фати за неа, ја одмерува со сензорот и ја фаќа. Се стегнува цврсто, ги ослободува задните нозе и се собира во форма на јаже – опишува Настески.
Се движи зајачки, со скокови. Ако е задоволен со местото, се задржува. Со устата ги влече соковите од растението. Чест се маскира како да е растение а да не биде забележан да не биде нападнато од друго животинче. Тешко се забележува. Изгледа како гранче од растение, а не на животинче.
– Тешко се препознава, а личи на мал диносаурус, слеп, со раце-сензори. Мислев дека е растение, гранче. Ако се фотографира и се зголемува на компјутер, може да се откријат разликите од растението.Ако се допре, останува скаменет и не мрда. Се витка во форма на круг, оти е безрбетник – зборува Стеван.
Сувата трева му е идеално за маскирање. Се движи по зелената трева. Зиме е на сувата трева. Издржливо е. Не мрзне и на пониски температури, до минус 4 степени. Најчудното е што никој не го забележува, а го има секаде, во нашите бавчи и дворови, каде бара храна во тревките.
– Го гледам повеќе од 20 години. Мошне мало е и не му обрнував внимание. После го сликав и снимив со мобилен. Два дена го гледав. Го преместив на кујнски нож за да го сликам и оттука да се види колку е мал. Имав идеја да го искористам како заштитен знак за мој пронајдок. Го најдов во една бавча во Галичани, а може да се најде и во градов. Не го менува местото на живеење додека има доволно храна. Веројатно долго живее на мал простор, во еден метар квадратен – претпоставува Настески.
Има енормна должина на вратот во споредба со телото. Располага со неверојатно чувство за рамнотежа. На мевот има “уметнички” дел. Неколкуте жили личат на гитара. Горе пак, сензори, како “штелувачи”, регулатори на гитарата. Скаменет изгледа како хипнотизиран цело време.
– Проверував и утврдив дека мрдна. Станува збор за едно многу мирно суштество. Воопшто не е опасно за човекот – тврди Стеван.
Мнозинството луѓе се преоптоварени со секојдневието и не ги гледаат поситните работи во околината. Зарем некој задлабочен во бизниси и во трка по финансии, може да се замисли и заинтересира за разни бубалки околу себе? Тешко. А ете има и такви поединци кои имаат предвид дека човекот не е сам, ами е има безбројни суштества. Ако вистинските, големите диносауруси изумреле пред 200 милиони години, денешново уште живее.
Невестински цвет
Љубовта е иста и кон растенијата. Стеван ни откри една долгочувана тајна. Се вика ,,невестински цвет.
– Така го викам, а точното име не му го знам. Може да се најде во околината од градов, под Маркукуле. Тој е цвет што зборува. Ги кажува тајните за идниот брачен другар. Пример: некоја девојка, кога се ближи времето за брак, цветот го откинува и го става под перница. Во текот на сонот го сонува идниот партнер во природна големина и со карактеристичен лик и облека. Го сонува со ликот, косата и облеката, како што ќе изгледа на свадбата. Ова тајна ми ја кажа мајка ми – вели Настески.
![]()

