– Што има, бел си како вар?, праша Лукас кога Мано се врати до него.
– Девојката е мртва… Се фати во еден капан со шилци. Ајде, ќе те земам на грбот и продолжуваме со патувањето.
Уште шест дена и ноќи ранетиот и Мано одеа низ џунглата. Најпосле дојдоа до едно село што американски хеликоптери го евакуираа кон друга зона што беше под нивна контрола. Изнемоштени, двајцата војници се качија на еден од хеликоптерите. Кога надлетуваа цивили, митралезецот исфрлаше еден или повеќе рафали.
– Зошто стрелаш во нив. Не гледаш дека се цивили што работат по полето? – праша Мано.
– Море, какви цивили! Под секоја од оние врвлести капи се крие по еден виетконговец – му одговори, викајќи заради шумот на моторот и на роторот митралезецот, исфрлувајќи нови рафал.
Мано го посети Лукаса на болница. Овој брзо ззакрепнуваше. Раната не беше опасна. После подолг разговор, Лукас се загледа во Мано:
– Не изгледаш добро… Мислиш на неа?
– Да, и ден и ноќ, ме мачи нејзиниот спомен. Немам мир.
– Толку ли ја засака?
– Да.
– Мано, ти мене ме спаси, изложувајќи се себе си на смртна опасност. Ме носеше на грб со денови и ноќи. Тоа ниту можам, ниту сакам да ти го заборавам. Отсега ти си ми брат, побратим. Слушај, знам дека секој човек е единствен, незаменлив. Сепак, доколку ова може макар малку да ти даде утеха, ќе ти кажам дека ако ја преживееме оваа војна, кога ќе се вратиме во Америка ќе те запознаам со некои многу пријатни девојки што, верувам, со време ќе ти помогне да ја излечиш раната на срцето.
Мано и Лукас останаа живи и се вратија во САД. Станаа неразделни пријатели, вистински побратими. Двајцата успеаа да си го средат релативно добро повоениот живот и добро да заработуваат. Лукас имаше таму добри врски, меѓу кои и некои “многу интересни во секој поглед” девојки. Го внесе побратимот Мано во тоа свое друштво. Минаа години, времето го направи своет. Зарасна внатрешната рана на Маноа. Сепак, понекогаш, погледот му се губеше некаде во невидливи за другите далечини. Ако некој го праша што се замислил така, Лукас дискретно му дава знак да молчи, да го остави на мира Мано, знаејќи дека тогаш неговиот македонски пријател се сеќава… Се сеќава на една едноставна, но красна млада Виетнамка, што како метеор помина по небото од животот на Мано во ужасите на џунглата и на една тешка војна.
(продолжува)
![]()

