ЦК “Марко Цепенков”
ЦК “Марко Цепенков” годинава ќе реализира богата продграма, што ќе биде поддржана од Министерството за култура и туризам. Проектите се од национален интерес и со кои ќе се оствари добра културна понуда речиси од сите области на делување на Центарот.
Во драмската дејност се поддржани четири проекти, и еден е префрлен од минатата година. Ансамблот на театарот премиерно ќе ги изведе “Животинска фарма” од Орвел, во режија на Ќендрим Ријани, “Девојките на Марко”, според Боинг Боинг од Марк Комолети, во адаптација и режија на Синиша Ефтимов, “Саатот” од Лидија Митоска Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова, за која пробите ќе почнат наскоро, “Лет над кукавичјото гнездо” од Кен Кеси, во режија на Ѓорѓи Ризески и “Ловец на ржта” според Селинџер, режија Мартин Кочовски ( проект префрлен од 2025).
Во музичко – сценската дејност поддржани се шест проекти и тоа, “Чембалото на европските дворови од 17 век”, концерт на женскиот камерен хор “Керамија”, “Стефани џез проект “ – интимно музичко патување, “Мевлем” – вечер на музика и поезија, “Сезоните на Чајковски” – концерт на Трио Долче и концерт на глас и пијано “Вечер на француски песни”. Од областа на фолклорот Центарот доби поддршка за концерт на Драган и Ратко Даутоски, за концертот “Со љубов за Прилеп” на КУД “Пере Тошев”, за вечер на староградска музика и песни “Звуците на градот” и за работа на КУД Моминок – возрасни и подмладок.
Со поддршка на Министерството за култура и туризам ќе се печати списанието за литература, ументост и култура Стремеж.
Доста обемна и квалитетна е програмата за визуелните уметности, архитектурата и дизајн. Ќе се реализираат 20 проекти, од кои 18 изложби, една работилница за мозаик и Интернационалната ликовна колонија “Марко Цепенко” – Дрен 2026”. Изложби ќе имаат Ивана Темелкоска, уметниците Златко Крстевски, Сашо Ацковски, Ѓорѓи Десподов, Давид Атанасоски, Драган Верговски Алпи, Александра Ацеска, Бојана Артиновска, Филип Перески, Христијан Томан, Александар Џинго, Милица Алимпиќ Илиќ, ДЛУП, колонија Дрен… Со изложба ќе се одбележат и 80 години од постоењето на ДЛУМ.
![]()

