Даниел Мелвил Македонска рапсодија 113

И покрај неколкуте зборови виетнамски што им беа познати, не успеаа да се разберат со девојката која прво ги гледаше ужасно исплашена, но полека се смири, особено кога Мано ја соблече својата војничка кошула, и ја облече и í ја врза “клучка” на мевот. Горниот дел од својата униформа Мано си го облече пак, ама на гола кожа. Со девојката делеа чокодо и тројцата го продолжија одењето, носејќи го ранетиот секој од едната негова страна.

Вечерта, додека Лукас спиеше, после добиениот морфиум, девојката се доближи до Мано, како да бараше заштита. Полека се охрабри и се стисна до неговото тело. “Овие од жолтата раса кога се грди, се грди, ама кога се убави, толку се убави што човек би паднал од чудо на задникот”, забележа во себе Мано, чувствувајќи ја убавата девојка интимно залепена до себе. “Кој би рекол дека е ова едно селанче кое можеби не знае ни да пишува! Добро облечена би личела на принцеза!”. Откога дојде во Виетнам, Мано живееше во љубовен поглед “калугерски”. Другарите му се мајтапеа, ама тој немаше никаква желба да “вкуси” од оние жени кои како муви летаа околу војниците и се продаваа за некој долар. Заради таа долга “диета”, а веројатно и заради моментниот амбиент и сознанието дека во секој миг смртта се вртка околу нив во џунглата било од оружје, било од некое животно или од друга опасност, почна да ја гали девојката. Таа му се предаде без збор и без одбрана, некако со детинска доверба. Уште кога ја виде дента првпат, во Мано се запали оган “на прв поглед”. Огнот се претвори во пожар. Додека девојката подоцна заспа во неговата прегратка, тој долго време остана буден, сонувајќи да ја однесе со себе, ако остане жив во војната, во Америка, да се ожени, да имаат деца и среќен живот. А, ниту името не и го знае, ниту, пак, разменија еден единствен разбирлив збор, а веќе ја засака! Патиштата на човечкото срце можат да бидат изненадувачки, непредвидливи!

Следниот ден, рано, го продолжија патувањето кон базата со која не само што немаа никаква радио-врска, туку и нејзината точна географска положба не им беше позната, меѓу другото заради немање карти ниту компас. Виетнамката изгледаше весела, среќна, повремено се загледуваше во Мано и тогаш на нејзиното лице изгреваше нешто како сонце, насмевка што зрачеше по целото лице и низ убавите бадемести очи. Валканата војничка кошула од Мано на неа, импрегнирана со миризба од машка пот, зачудувачки í даваше некаков дополнителен шарм и Мано одеше, сонуваше буден и не ја чувствуваше тежината од ранетиот Лукас. Овој страдаше од болките, физички беше изнемоштен, та од време на време запираа да се одморат. Погледот од Мано честопати се вперуваше кон девојката, нивните очи се сретнуваа во нема игра, здравите бели заби од војникот тогаш кратко блеснуваа во насмевка. Та што ако умри од куршум во оваа џунгла, кога искусил толку силна љубов? Колку милијарди човечки суштества од појавувањето на човекот до тој ден имаат умрено на оваа планета? Што е тој во споредба со таквиот огромен број? Не е ниту зрно од прашина! За времето од една таква пауза, заради физиолошка потреба девојката се оддалечи од нив. Одеднаш се чу некаков шум доста отсечен и силен. Мано ја грабна пушката, и се стрча накај местото каде исчезна девојката. Набрзо застана, замрзна наместо. Таа беше пред него, мртва простум, издупена од повеќе колје со остри врвои на еден вид голем дрвен капан за птици што виетконговците ги поставуваа онаму каде имаше веројатност дека ќе поминат американски војници. Во безмилосната војна и двете завојувани страни измислуваа различни замки против непријателот. “Капанот” имаше за цел, кога некој, не знаејќи дека е вешто скриена машина за убивање, одеднаш да се активира штом жртвата ќе нагази на системот за ставување во погон.. И крај.

 (продолжува)

Loading