25 години организиран карневал и 100 години од традиционалната маска „Прилепски мечкари”

Два јубилеа на Прочка 2026

Околу 500 маскирани учесници ќе дефилираат на годинашниов карневал Прочка 2026, кој 25 години организирано се одржува и еден век постои традиционалната маска „Прилепски мечкари”, која од 2019 година е прогласена за нематеријално културно наследство. Првпат ќе настапи и обновениот дувачки оркестар за збогатување на карневалска атмосфера.

– Се возобнови традицијата два дена да бидат карневалските дефилеа, в сабота е детското карневалско дефиле, а в недела е централното и со учесници од странство. Карневалот „Прочка” 2026 е значајна туристичка и културна манифестација за нашиот град. Затоа во посета на Прилеп го поканивме претседателот на Федерацијата на европски карневалски градови (ФЕЦЦ), Ларс Алгел од Шведска, и потпретседателот Александар Цицимов, со кои претходно разговаравме за подобро позиционирање на Прилеп како карневалска дестинација на мапата на Европа, за подигање на Карневалот „Прочка” на повисоко меѓународно ниво, со поголема видливост, повеќе учесници и поатрактивна програма за прилепчани и за гостите од земјава и странство – рече прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.

По повеќегодишна пауза, на Карневалот има гости – карневалски групи од Србија, од четири града, од Албанија, од Бугарија, а се најавени и од Грција и од Црна Гора.

– Од прилепкиот архив и од постарите граѓани се најдени фотографии да потврдиме дека уште во 1920-21 година имало веќе организирани поворки на мечкарите. Тоа потврдува дека постоиме повеќе од 100 години. А поворката-карневалот во Прилеп слави јубилеј од 25 години. Ние постоиме и ќе постоиме, зашто Прилеп, на некој начин е љубител на тие „преправања” – рече Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари”.

На најуспешните маски од изожбата ќе им бидат доделени награди, како и на детскиот и на главното карневалско дефиле кога стручното жири ќе ги прогласи најдобрите маски.

– Радува фактот што се враќаат учесниците од другите градови и од соседните земји, рече Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа.

Ќе има жонглери, акробати, кловнови, пантомимичари. Рестораните и кафулињата ќе работат со продолжено работно време и карневалски забави.

Прилепските мечкари – нематеријално културно добро

Од 2019 година машката поворка „Мечкари„ е прогласена за нематеријално културно добро, културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење – вели Снежана Ристеска, советник за култура во општина Прилеп.

– Валоризацијата и ставањето под заштита на обичајот на Мечкарите, како нематеријално културно добро е од извонредно големо значење не само за локалната заедница, туку и во национални рамки. Зачуваноста на ова добро се манифестира во изведбата како организирана форма, која е прецизно врзана за празникот Прочка, но е и суштински дел на Прилепскиот карневал со утилитарна функција. Со тоа поворката на Мечкарите освен етнографски добива и други значења (социјални, културни, туристички), кои се надвор од изворното – потенцира Ристеска.

Loading