По повод 76 години од формирањето на театарот “Војдан Чернодрински” од 16 до 21 февруари ќе се одржи манифестацијата “Роденденска недела”. Ќе бидат прикажани четири претстави во Сцена 105 во ЦК “Марко Цепенков” и на 21 февруари театарот со “Црнила” во режија на Дејан Пројковски, ќе гостува во МНТ во Скопје.
Богатата програма почнува на 16 февруари, ќе биде изведена претставата “Синиот портокал” од театарот “Јордан Хаџи Константинов – Џинот” од Велес. Повеќегодинишната претстава е работена по текст на Британецот Џон Пенхол, во режија на Александар Ивановски. На 17 февруари, актерот Здравко Стојмиров, ќе ја изведе монодрамата “Фетишист”, во која се говори за извртената реалност на еден живот, поради тешките услови од војните од минатото, личните неуспешни борби, притисокот од општествените вредности и наметнатата реалност. В среда на 18 февруари, на денот на формирањето на театарот (1950 со првата претстава “Кир Јања”), актерот Игор Трпчески, ќе ја изведе претставата “Делирум тременс”, која ги дефинира односите меѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално – етичките дилеми, кои се јавуваат во состојба љубов, страст и страв. Домаќинот, славеникот, театарот “Војдан Чернодрински” на 19 февруари ќе ја изведе најновата претстава “Црнила” во режија на Дејан Пројковски во која играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерина Чакмакоска – Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски, Ива Малинческа. оваа претсва ќе биде изведена на 21 февруари на гостувањето во МНТ во Скопје како круна на роденденската недела за прославата на 76 години од театарското постоење, љубовта кон сцената и магијата што трае.
Влезниците од по 250 денари за роденденската недела се резервираат на телефонот 076 442 378 и се продаваат на билетарницата од Центарот, секој работен ден од 10 до 12 и од 18 до 20 часот.
![]()

