Министерството за дигитална трансформација, во соработка со Општина Прилеп, организираше голем настан по повод Меѓународниот ден на побезбеден интернет во ОУ “Кире Гавриловски – Јане” во рамките на проектот МКСафеНет, кој годинава се одбележува втор пат.
Министерот Стефан Андоновски, истакна дека се одбележува Денот меѓу учениците
– Целта е подигање на свеста кај најмладите за безбедно користење на интернетот, превентивно делување и укажување на последиците од неодговорно користење на интернетот. Опфатени повеќе од 70 училишта и се споделени алатки и упатства до сите родители и наставници преку Министерството за образование како родителите да имаат поголема контрола врз децата кои користат интернет и да ги заштитат во дигиталниот простор – рече Андоновски.
На прашањето дали Владата размислува за забрана на социјални медиуми за најмладите, Андоновски истакна дека таков чекор би бил премногу радикален.
– Доколку се тргне кон забрани, можеме да стигнеме до нарушување на правото на слободен избор и на слободен говор. Владата и Министерството остануваат отворени за дискусија, ако има иницијатива – рече министерот.
Градоначалникот Дејан Проданоски истакна дека Прилеп е меѓу приоритетите на Министерството. Како конкретен пример го посочи новиот Центар за услуги на Министерството кој се наоѓа во просториите на секторот за даночна управа во Прилеп. Преку новиот Центар, од сега граѓаните ќе имаат физичка можност да добијат некоја од услугите достапни на Националниот портал за услуги – услуги.гов.мк
![]()

