Даниел Мелвил – Македонска рапсодија 112

Долго време Мано шеташе низ шумата без да најде жива душа. Виде само уште неколку мртви другари. Едниот носеше болничарски материјал во чантата. Мано ги зеде и се врати до Лукас. Овој штом го виде, рече само еден збор:

– Вода!

Мано му даде вода од матарката, каснаа чоколадо, потоа праша:

– Те боли ли?

– Многу, ама не смеам да викам.

– Во чантава има болнички материјал и морфиум. Ќе ти ја дезинфицирам раната, ќе ти дадам една инјекција соморфиум и тргаме.

Потпрен со десната рака на рамената од Мано, потскокнувајќи, Лукас тргна со него низ шумата. На едно место се скаменија. Видоа отровна змија, која им го препречи патот. Држејќи ја само со десната рака, Мано почна неосетно да ја спушта пушката, знаејќи дека со еден рафал змијата ќе ја распрсне на парчиња. Но истрелите можеа да го привлечат вниманието од непријателските војници ако се во близината. За среќа, влекачот ја реши дилема. Спокојно се оддалечи и го снема. За да му го одвлече вниманието на Лукаса од болките на раната што пак почнуваа да го мачат, Мано почна да му раскажува: “Слушнав од еден ветеран од Втората светска војна дека кога американските војници се бореле против Јапонците по џунглите, носеле секој со себе шприц со противотров. Доколку ги каснела змија, требало веднаш да си го инјектираат противотровот во срцето низ униформата со игла. Инаку, веднаш умирале, и тоа во страшни маки”.

– Иглата право во срцето, велиш?

– Во такви моменти нема колебање, особено ако војникот видел како умира некој од другарите што тоа не го сторил, а го каснала отровна змија. одговори Мано, па го качи на грбот ранетиот и почна така да го носи.

Подоцна седнаа да се одморат, јадејќи плочка чоколадо и пиејќи вода од матарката. Запалија цигари и Лукас му рече:

– Најдобро е да ме оставиш и да си одиш. Со мене, напредуваме со брзина на полжав. Покрај тоа, и ти ќе настрадаш, ако не фатат виетконговци.

– Не знаев дека си имал толку добро мнение за мене, Лукасе! Зар ти личам на човек кој остава другар во неволја? Ајде, станувај, одиме понатаму!

– Прво дај ми уште морфиум.

– Ќ е почекаш, не треба да примаш секој час.

Во шумата видоа некое село каде гореа повеќе куќи. Со дурбинот Мано установи дека во селото нема никој, освен неколку леша, а и прасиња и кокошки што слободно шетаа. Кој го нападнал и го запалил? Виетконговци понекогаш го правеа тоа со селата што соработувале со Американците. Затскриени зад дрвјата, седнаа и Мано му ја дезинфицира пак раната на Лукас. Му ја преврза раната со чист бинт.

– За морфиумот ќе почекаш до вечера. Ќе мора да отспиеш некој саат. Потоа ќе бидеш одморен кога ќе го продолжиме патот – му објасни на ранетиот и одеднаш скокна простум со пушката во рацете, бидејќи слушна шум и нејасно виде некаква човечка силуета меѓу дрвјата. За миг му прелета низ главата мислата дека ако е некој од жителите од опожареното село, може да ги информира виетконговци за двајцата, та ќе бидат гонети и можеби заробени или убиени. Се стрча, ја турна “сенката„“на земи. Легна на неа за подобро да ја задржи. о извади ножот наострен како брич. Кога виде дека под него лежи жена, потстана. И дозволи да се сврти кон него со лицето. Жената беше млада девојка, речиси гола. Можеби се истргнала од рацете на некој кој ја нападнал. Без облека од рамениците до папукот, подолу носеше нешто што повеќе личеше на партал, отколку на здолниште. На голите нозе девојката имаше сандалки. Мано ја фати за лактот, ја крена и ја заводи кон местото каде седеше Лукас и пушеше цигара. Лукас веднаш рече:

– Не смееме да ја пуштиме, ќе не предаде.

– Зошто, да не сакаш случајно да ја заколиме?!, праша малку грубо Мано.

– Ако ја оставиме жива, ќе ни ги прати зад петиците виетконговци.

– Успокој се, нема да ја пуштиме. Ќе помага да те носиме, за побрзо да напредуваме.

 (продолжува)

Loading