Тутунски комбинат
Речиси е завршен откупот на тутунот во Тутунскиот комбинат (ТКП). Откупени се 10 отсто повеќе тутун од проекцијата за ланската производствена сезона. Во објектите за сместување се складирани 2 575 тони од планираните 2300, или повеќе околу 275 тони. Уште се отворени некои пунктови за преземање на родот. Просечната цена е 420 денари за килограм. Директорот Александар Алексовски вели дака квалитетот е солиден, просечен, но подобар од лани. Зголемената понуда се должи на враќањето на довербата кај ТКП од страна традиционалните тутунопроизводители и поголемата застапеност на агрономската служба на теренот. Според него постепено тутунарите се враќаат на старите практики на квалитетна обработка.

– Годинава нема одбитоци за песок и влага. Тоа е знак на добра волја на ТКП, макар што некои тутунари се обидуваат да ја изиграат со предизвикување на поголема влажност од нормалната. За среќа, таквите случаи се намалени за половина. – вели Алексовски.
Во услови кога сеуште не се утврдени продажните цени на тутунот за извоз, од ТКП се надеваат дека ќе постигне задоволителен профит кој ќе биде повисок од ланскиот.
ТКП се обидува да ги оптимизира трошоците за обработката на откупениот тутун.
-Со ист број сезонски работници откупивме поголеми количини тутун. Го осовременивме работењето во нашите магацини. Воведовме нов систем на две подвижни ленти со набавка на два перони за истоварување на тутунот со што се намалува и олеснува потребата од работна сила. Се трудиме да го избегнеме трошокот од откуп на неквалитетен тутун и им укажуваме на тутунарите да не го расипуваат квалитетниот тутун. Затоа што квалитетниот тутун се бере до 10 октомври, а не во ноември или декември. Околу 80 отсто од доцниот тутун е мувлосан, кој не е за откуп. На таквите притисоци успеваме да одолееме – вели Алексовски.
Најповолно е тутунарите да се вратат на традиционалниот начин на одгледување на тутун.
– Со новите измени на законот за тутун, без тутунските здруженија нема да се потпишуваат договорите за откуп, но, треба да се има во предвид дека при потпишувањето не се познати цените за извоз на тутунот, а пазарот е најдобриот регулатор – вели Алексовски.
Во Цигарната фабрика има зголемување на производството на цигари од 35 отсто за 2025 во споредба со 2024г.
– За нас е добар показател затоа што со ист број на вработени и машини, се зголеми продуктивноста. Годинава очекуваме дополнително зголемување од 25 отсто за потребите на Филип Морис. Ги подобруваме условите во цигарната фабрика и за вработените и за производствениот процесс. Изработен е проект за системот на ладење и греење со кој ќе се исфрли метанот со што ќе се намалат трошоците. Ќе користиме топлотни пумпи само во делот на системот кој го користиме со покривање со електрична енергија од нашите фотоволтаици. Генерирана е години наназад загуба за системот кој сега ќе го прилагодиме на потребите. Ќе го исфрлиме метанот, и планираме во две сезони да се врати инвестицијата – објаснува Алексовски.
Најголем дел од објектите, освен фабриката за лепипа, се во употреба. Најголемиот дел од површините кои не се користат за потребите на ТКП, се издадени под наем.
– Имаме размислување да се пренамени кујната во магацински простор кој ќе биде дополнителен кој ни е потребен доколку го зголемиме производството. Сега тутунот во кутии е кабаст, волуменски сакаме да се искористи просторот – вели Алексовски.
Стратегија
– Сакаме да се фокусираме на откуп на тутун со количина од околу 2, 5 до 3 милиони килограми тутун. Да воспоставиме систем за преработка на тутунот и да не ги користиме услугите од другите компании. Да го зголемиме произвдоството на цигари со продлабочување на партнерските односи со Филип Морис со кој сме во преговори за продолжување на договорот.
![]()

