Одобрени проектите од културата за поединци и здруженија

Министерството за култура ги одобри проектите за 2026 година за поединци и здруженија. Во драмската дејност за танц студиот Зодијак се одобрени средства за реализација на претставата за деца и млади „Снежното кралство” во режија на Кире Миладиноски, додека во музичко сценската дејност КУД „Мирче Ацев” доби поддршка за проектот „Прилепско Мариовски регион низ Македонија”.  Уметникот Филип Јовески ќе реализира изложба на тема „Живи артефакти – трансцеденција”, а воедно со овој проект ќе се претстави и во КИЦ Тирана. Во Софија со изложбата „Трансформација на структурата од котон кон форма” ќе се претстави Давид Атанасоски, а Филип Перески со „Флуктуација” ќе изложува во КИЦ во Загреб.

МТФ „Војдан Чернодрински” за годинашното јубилејно 60-то издание од Министерството доби четири милиони денари,  а поддржани се и театарскиот фестивал „Силјан штркот”, Фестивалот на народни инструменти и песни„ Пеце Атанасоски”, Поетскиот слем на театарска работилница Прилеп и Клубот на литературни творци Прилеп. Поддршка за издавање на збирката есеи „ПРИЛЕПени на срце” доби авторката Габриела Стојаноска Станоеска, библиотеката „Борка Талески” за книгата „Библиотеката како културна институција во време на криза”.

Институтот за старословенска култура Прилеп со пари од државата ќе ги спроведе  активностите за културната рута на Советот на Европа „Рута на Св. Кирил и Методиј”, а  продукцијата ДИД ќе го реализира проектот ЗБОР 2.

Џез фестивалот Прилеп неоправдано е изоставен од програмата на Министерството

Здружението за субкултура „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ПРИЛЕП”, организатор на фестивалот Прилеп Џез Викенд, се зачудени и разочарани зошто Министерството за култура, по 14 години континуирана институционална поддршка, одлучи да не го поддржи фестивалот во годината кога требаше да се одржи неговото 15-то, јубилејно издание.

– Одлуката не може и не смее да се третира како изолиран случај. Прилеп џез викенд не е експеримент, не е моментален проект, не е лична иницијатива без континуитет. Тоа е фестивал со историја, со публика, со јасна програмска визија и со препознатлив културен идентитет, кој повеќе од една деценија ја гради културната слика на Прилеп и пошироко. Прилеп џез викенд ќе продолжи да постои затоа што зад него стои публика, идеја и упорност – велат од Здружението.

Loading