Двајцата почнаа да се тепаат диво со тупаници, со касање со заби, со клоци, со некои штици што се најдоа на местото. Кога се вратија под шаторот, лицата им беа црвени и од приливот на крв заради лутината, и од крвта што им течеше од носот или од пукната очна аркада.
Мано легна, велејќи си во мислите: Ако го начекам насамо копилено в џунгла, со еден куршум ќе му ги скинам јајцата, ќе го скопам!
Другите војници кои спиеа во шаторот, иако знаеа за непријателството меѓу Лукас и Мано, не се мешаа. Само еден, кој се викаше Сем и поседуваше повисока култура, и кој ги прекинал студиите да се ангажира од идеализам во армијата и во војната во Виетнам, еднаш го праша Мано зошто постои толкава антипатија меѓу него и Лукас. Мано му објасни надолго и нашироко каква е таа “замрсена балканска работа” и заврши со тоа што изјави: Грците забораваат дека како што Македонците им беа потребни на Хелените во Антиката, така и сега Македонците им се потребни на Грците. Заедно можат да направат многу. Ако сенепријатели ќе ослабуваат и ќе се осиромашуваат. Постојат многу работи што заедно можат да ги направат за подобар и посигурен живот за двете страни, па и за другите народи на Балканскиот Полуостров.
Сем ја заниша главата велејќи: Е, сега првпат разбрав нешто за Балканот. Досега сето тоа што таму се случувало ми беше како магла.
Неколку дена по тепачката меѓу Лукас и Мано, падна наредба едно одделение да извидува околу секторот. Двајцата беа определени да одат со одредот. И едниот, и другиот уште имаа траги по телото и на лицата од нивната “дискусија” зад нужниците во воениот логор. Кога се оддалечија од базата, паднаа во заседа на виетконговците во џунглат. Запукаа пушки, пиштоли. Рачни бомби експлодираат, заштракаа и два-три митралези. Уште на почетокот неколку од другарите на Мано беа убиени околу него. На брзина им ја скрши половината од плочките за идентификација што ги носеа околу вратот, ги стави в џеб и почна да лази за да го напушти опасното место. Кога стрелбата престана, слушна говор на виетконговците кои “го чешлаа” теренот, барајќи мртви или живи американски војници. Некои минаа повеќе пати блиску до Мано. Не го открија. Повеќето беа млади. Најпосле настапи тишина. Како џунглата да ги начулила ушите, чекајќи пак некоја катастрофа. Полека животот се разбуди со вообичаените животински гласови. За Мано тоа беше доказ дека во близината повеќе нема поголема група луѓе. Стана, ја провери лесната автоматската пушка од пластика, што би се помислило дека не е опасно оружје, туку играчка за деца. Претпазливо тргна низ шумата. Некаков шум го здрви. Се спреми да стрела. Напредувајќи полека, најде еден од другарите, легнат наземи. Војникот беше “пријателот” Лукас. Ранет во десната нога, Лукас тивко офкаше. Држејќи ја пушката спремна за стрелба, Мано се загледа во ранетиот. Погледите им се сретнаа. Останаа неколку мига врзани едниот за другиот. Немиот разговор изгледаше како да трае многу долго време. Мано праша тивко:
– Можеш ли да одиш?
– Не. Ногава воопшто не можам да ја ставам наземи.
– Другите?
– Сите се мртви, одговори Лукас.
– И оние околу мене беа убиени, го извести Мано, па клекна да ја гледа раната од Лукас. Искоментира дека ранава не е опасна, ама со неа не може да оди и ќе треба да те носи.
Лукас молчеше. Мано ја зеде пушката:
– Почекај ме, ќе извидам околу да најдам уште некој од нашите, па ќе се вратам.
Лукас молчеше. Мано помисли: Веројатно си вели дека ќе си одам и никогаш повеќе нема да ме види. Ќ е им падне в раце на виетконговци или е ќе умре од глад или од компликации на раната.
(продолжува)
![]()

