Здравје цела година

Лимонот и ѓумбирот се познати растенија за борба со многу болести. Пожелно е да се користат цела година. Лимонот содржи лимонска киселина која може да ја оштети слузокожата на желудникот. Сепак, зависи од отпорноста на секоја индивидуа. Некои луѓе имаат посилен желудник, а некои не можат да ја толерираат концентрацијата на лимонската киселина, па лекот го разредуваат со вода.

Да се подготви лекот потребни се 2 органски лимони, 1 корен од ѓумбир и квалитетен природен мед. Овој лек складиран во тегла трае 2 седмици така. Лимоните отстојуваат во млака вода. Поединечно се тријат со крупна сол, ако не се органски. Потоа се цедат од водата и се додава нова вода, па се тријат со сода бикарбона. И во водата се става малку сода и се оставаат да киснат уште 15-20 минути. Во меѓувреме, се лупи ѓумбирот од кората и се сече на помали парчиња. Коренот може да биде по желба, односно од поднесливоста на лутиот вкус. Лимоните се вадат и се бришат со кујнска крпа. Им се сече дршката, односно двата краеви и сечат на тенки кругови. Се отстранувааат семките кои даваат горчина и го расипуваат вкусот. 

Напитокот е многу вкусен бидејќи се граничи со благ, кисел и лут вкус. Тоа е најубава комбинација. Теглата се става во вода во тенџере да зоврие, малку да се стерилизира со капакот. Потоа се остава да се излади и исуши. Кога е млака, се редат тенките кругови од лимонот. Се додава малку мед, па неколку парчиња ѓумбир додека се наполни. Нема посебен ред на редењето. Потоа теглата се затвора и се превртува долу да стои на собна температура 1-2 дена. После се чува во фрижидер.

Се консумира на два начина. При настинка, се ставаат од сите состојки по малку во една чаша и се преливаат со чиста, превриена и млака вода. Се меша и се пие како лек. Вториот начин е да се пие лекот ладен и да делува освежително. Во чаша се ставаат неколку парчиња мраз и се додава лекот. Оваа варијанта е погодна за во лето за ревитализација од силното сонце.

Loading