По повод 110 години од раѓањето на македонскиот поет Волче Наумчески (1916, Прилеп – 1980, Скопје), автор на првата стихозбирка целосно отпечатена на македонски јазик “Иди пролет” од 1939 година, Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ распиша конкурс за децата од основните училишта од Прилеп, Долнени, Кривогаштани и Крушево за поетски творби под наслов “Кој не сака пролет?”. Конкурсот е поделен во две категории – за ученици од трето до петто и од шесто до деветто одделение, при што во секоја категорија ќе бидат доделени прва, втора и трета награда.Темата е слободна да се поттикне креативноста и љубовта за пишаниот збор кај младите. Творбите се доставуваат електронски со лични податоци на ученикот и за менторот или родителот до 27 февруари. Учениците ќе добијат благодарници за учество. Најуспешните ќе добијат дипломи, книги и други пригодни подароци, кои ќе бидат доделени при прогласувањето на наградените со јавно читање на нивните поетски творби.
Волче Наумчески е значајна личност во македонската книжевна историја. Еден е од пионерите на современата македонска поезија. Поезијата му е препознатлива по едноставниот, лирски израз, инспириран од природата, љубовта, татковината и животот на обичниот човек.
![]()

