Олгица Атанасоска, мајстор за филигран
Пензионерката Олгица Атанасоска (68) изработи 20 крстови од филигран за празникот Водици. Нејзините рачни изработки од срмен конец ставени во рамка, се најдоа во рацете на сите фаќачи на крстови во Прилеп кои се втурнаа во студените води и беа насреќни за денот Богојавление. Водела трка со времето, да ги стигне ракотворбите кои ги красат домовите на најхрабрите кои ги добија како подарок од локалните власти. Но, не само крстови, изработува и филиграни со ликови од светци, пеперутки, цветови во различни бои.








– Крстовите се во рамка А4 формат ( 20цм х 30цм). Дел ми беа веќе готови, и точно пред празникот успеав да ги доработам сите 20 крстови. Ако имаш желба, ќе успееш во намерата. За изработка на еден крст ми беа потребни околу 5 часа, станував од сабајле и работев додека да се уморам и ја завршам креацијата. Но, радоста е преголема што успеав да ги завршам и што се најдоа во рацете на храбрите верници – вели Олгица Атанасоска, изработувач на филиграни.
Како пензионерка во 2015 година, која останала без својот брачен другар, сакала да го исполни денот со креативна дејност. Идејата за работа со филигранот ја добила од сосетката.
– Сосетката Лилјана само еднаш ми покажа како се работи со срмениот конец кој може да биде со боја на сребро или злато или пак во која било друга боја. Веднаш, ја сфатив техниката за што ми помогна и претходното искуство што го имав на машината за шиење и везење. Упорноста и посветеноста носат успех. Напорно е. Работата бара очи, умот да ти биде тука – објаснува Олгица.
Материјалите, срмен конец, лепило и циркони ги набавува од Скопје. Хартијата и стаклените рамки се од Прилеп. Од една макара изработува 5 крстови.
-Работам по шема, по копија која сега успешно ја вадам од интернет по желба на муштеријата. Откако ми покажа, сама се надоградувам, имам желба, ме исполнува творењето, да не седам така во 4 ѕида, да врви времето кога немам семејни обврски кон децата и внуците. Секој денар плус, е добредојден – објаснува Атанасоска.
Досега има изработено над 70 крстови, вкупно 700 филиграни со пеперутки, икони, цвеќина, а нејзините рачни изработки стигнале во странство, во Германија, во Англија, во Албанија. Нејзините изработки ги купуваат за разни поводи, имендени, слави, родендени, вселувања, пензионирања. Подарила над 70 филиграни, како знак за благодарност кон одредени личности.
-Горда сум што моите креации ги красат ѕидовите на многу домови, носат радост во многу семејства, но и во кабинетите на познати личности. Градоначалникот Јовчески подари филигран во Албанија. Убаво ми е на душата и сакам да ја работам оваа работа – објаснува Атанасоска.
Упорна е. Нема време за одмор. Не знае да мирува, седи и работи затоа што нозете не ја држат. Најсреќна е кога рацете и прстите и се движат како машина, додека со умот креира уметнички мотив кој го изработува со душа.
Ја бараат како обезбедувач
Атанасока има лиценца за работа како обезбедувач веќе четврт век. Работела како тутунски техничар, но заради здравствени проблеми со нозете, била распределена на друго работното место. Уште во 2019 година положила и добила лиценца и работела како обезбедување 20 години.
– И сега ме бараат од некои приватни компании, но не сакам да гледам на часовникот и да брзам наутро. Си ја сакав работата како обезбедување затоа што држев до принципите и правилата – вели Атанасоска.
КЕТЕРИНГОТ И Е ВО МАЛИОТ ПРСТ
Изработува по нарачка и солени и благи работи за прослави и свечености. Откако прво се зафатила со филигранот, за свадбите на најблиските подготвила се што знаела и умеела. Масата греела, а тоа и дало волја и потстрек да работи и за други по нарачка.
– За Свети Никола сама направив 2 илјади посни сарми. Имам “фат”. Брза сум. Рано станувам и работам. Правам и секакви солени и благи работи. Времињата се сменија и сега доста жени немаат време и порачуваат кај мене кое е домашно направено – вели Атанасоска.
ЦВЕТ И ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЛЈАНОВСКА
Изработка од Атанасоска е и во кабинетот на претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова.
-Пратеникот Петар Ристески трагајќи по нешто уникатно и полно со труд и љубов се одлучи на приемот кај претседателката Силјановска да и подари цвет изработен од срмен конец во кој внесов многу креација и посветеност. Чест и задоволство ми е што моја креација стигна и во рацете на првиот човек на државата – вели Атанасоска.
![]()

