Данок на имот
Од 26 330 граѓани и 342 фирми, сопственици на имот и околу 3 500 правни лица, локалните власти наплатиле лани околу 60 проценти од обрските. Надоместувањето на даноците не е на посакуваното ниво, но веруваат дека со упорност ќе ги поттикнат сопствениците да ги исполнуваат граѓанските обврски. Од годинава постои можност за брзо и ефикасно електронско подмирување на обврските преку веб страната на Општина Прилеп, Е-Даноци
Според раководителот на даночното одделение на локалната самоуправа, Јован Шишкоски, наплатени се околу 50 милиони денари од граѓаните и 15 милиони денари од компаниите. За фирмарина, се платени околу 44 отсто од вкупно пресметаните 15 милиони денари.
– Само 10.000 граѓани и 300 правни лица комплетно ги подмириле даночните обврски. За комунални такси, фирмарина, не наплатени се над 50 милиони денари. Половината од нив, околу 24 милиони денари, не се платени поради ликвидација или стечај. Од данокот на имот, не се платени 60 милиони денари, од кои 15 милиони денари се застарени – вели Шишкоски.
Според него, не се чекало обврските на граѓаните да застарат. Секогаш биле процесуирани, освен во периодот со корона вирусот, кога имаше владина забрана за извршување. Застареноста се должи поради немање на трансакциска сметка или блокирана трансакциска сметка и немање на средства за наплата.
Рокот за плаќање на даноците е 15 дена по добивањето на решението. Потоа се преминува на опомена, а доколку не бидат подмирени, крајната мерка е непопуларната присилна наплата.
Инаку, тој соопшти дека процесот на репроценка или ново вреднување на имотот што трае 4 години е при крај. Нови вредности, главно повисоки обврски за данокот на имот имаат над 80 отсто од граѓаните. Проблематични се дел од Тризла и некои диви населби на периферијата на градот.
Инаку, даночната стапка е 0,05 отсто за објект во кој се живее и за втор стан 0,1 отсто од вредноста.
![]()

