Браќа непријатели
Кога одредот се врати од извидница, сите членови беа физички изморени. И психички, заради постојаното држење на штрек, оти зад секое дрво, зад секој џбун можеше да падне на заседа од виетконговци. Мано се соблече гол. На брзина се изми целиот под импровизиран туш, чија вода во резервоарот беше топлена од жешкото виетнамско сонце. Потоа, влезе во шаторот со неговата постела. Легна на грбот и остана долго замислен. Мислите му летаа за македонското минато кога комитите и четниците се бореле за слобода на татковината. Кренале и револуција против феудалниот ситем и хајка против арамиските банди што крстосуваа низ Македонија. Еве, сега, тој, потомок на тие мажи, а и жени борци, е вмешан во војна против луѓе кои ја бранат својата земја. Дилемата не му беше лесна. На една страна ја сакаше својата втора татковина Америка и беше сосема спремен да ја брани, а, од друга, имаше чувство дека се бори проти луѓе со идеал, патриотизам, љубов спрема виетнамската татковина. Си рече, на крајот, ќе правам како поговорката: Каде сите Турци, таму и гол-Асан! Војник сум, ќе си ја вршам доверената работа, како другите И толку. Како да решава прашања за кои нема надлежност, ниту моќ да менувам нешто?!
Малку подалеку во шаторот беа група од другари, војници, наседнати на празни сандаци. Играа со “папаски”, пиеа пиво и повремено разговараа. Мано се слушна кога еден од групата, Лукас, по потекло Грк, раскажуваше некаков подвиг на “грчката армија” од времето на Граѓанската војна во Грција од крајот на 1940.-ите години. Слушна за јунаштво со кое се фалел некој грчки офицер. Лукас, со други како него, жедно ги пиеја со ушите неговите зборови. Офицерот со други војници изненадиле на спиење во некоја куќа 50 “Бугари”. Сите, до еден, ги исклале. Меѓу Мано и Лукас постоеше антипатија откако Американецот-Грк дозна дека Мано по етничка националност е Македонец. Никогаш не разменуваа зборови. Повремено, случајно погледот од Мано ги среќаваше светлоплавите очи од Лукас, што го гледаа со непријателство. Оттогаш, во мислите Мано го завика Лукаса, Грчето, како и Римјаните што ги викале подбивно Грците, Грекулус, т.е. Грче, Гркулче.
Овој пат Мано не издржа. Се приближи до групата и му се обрати на Лукас.
– Зошто лажеш? Прво треба да кажеш дека несреќните жртви во колежот не биле Бугари, туку Македонци. Треба да кажеш дека тие не биле мажи, со оружје, оти тогаш Македонците беа по планините и се бореа против грчките фашисти, туку старци, жени и деца што злосториотн офицер со тајфата лесно ги фатил и ги колел сод нож.
– Кој лаже? Јас ли?, скокна простум Лукас.
– Да, ти лажеш. Овие кои те слушаат би биле будали, ако ти веруваат. Што знаеш за Грција, за Македонија? Па ти и не си се родил во Грција, туку си заминал како момче неколку години во таа земја. Те затруле со глупости со лаги, со пропаганда.
Лукас го погледна Мано како да сакаше да се нафрли на него, потоа се успокои и седна пак велејќи:
– Што сум фатил јас работа да зборувам со македонско говедо?!
– Значи признаваш дека има и македонски говеда, а не само бугарски!, му се насмеа Мано и излезе од шаторот.
Приквечерината Мано го начека насамо Лукаса и му рече:
– Што велеше денеска за некои македонски говеда? Па ти си сосема чукнат, врска немаш за тоа што зборуваш! На Балканот сите сме браќа. Има такви кои нé туркаат едни против другите.
– Со ѓубриња не сакам да зборувам, одговори Лукас и се сврти да се оддалечи. Мано го фати за мишката:
– Чекај, што се правиш толку силен! Дојди зад нужницине. Местото е заскриено, па да позборуваме како мажи.
– Идам, спремно одговори Лукас.
(продолжува)
![]()

