СО РАДОСТ ЈА ИГРАМ, А ПОРАЧУВАМ ДА НЕ СЕ РОДИ “НОВ” ОРЦЕ

Актерот Илија Волчески, за улогата на Орце во претставата “Црнила”

Во најновата претстава на НТ Војдан Чернодрински, “Црнила” од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, актерот Илија Волчески го толкува ликот на младичот, кој го убил Ѓорче Петров. Ова е негова прва ролја, откако и официјално е вработен како актер во прилепскиот ансамбал, во кој има на десет годишно искуство и одиграно над 35 улоги.

Откако го доби ликот, што и како ти беше потребно, да се навратиш и “копаш” низ минатото односно да го претставиш Орце во денешно време?

Интересно, но болно и апсурдно, е дека историјата се повторува и вистина е дека и во денешно време, како и тогаш кога Чашуле ја пишувал драмата, има некој “нов” Орце, Луков или Фезлиев. Само има различно општествено уредување, различна година и различни називи за нештата кои се случуваат. И сега имаме некој Орце. Секогаш има некој млад и наивен, а за да се доведе Орце од тогашно во денешно време, по карактерните особини, не ми беше тешко. Анализиравме како функционира таа организација, односно според текстот, тие терористи во тогашно време. Нам, тие работи ни се непознати. Навлеговме подлабоко, а по карактерните особини се наоѓавме многу лесно и тоа режисерот Пројковски многу лесно го срочи. По моите карактерни особини многу брзо се поврзав, познавам барем неколку блиски другари кои биле разочарани од општетсвото, работата, од политиката. Дури и Луков, на крајот во монологот е свесен дека ќе се појави некој друг како него. Орце како лик не е свесен, но јас како Илија бев доста свесен дека истото се повторува и затоа велам, дека карактерните особини ги знаевме, само влеговме во анализа во времето како функционирале тие движења.

Како реагира публиката на претставата?

Идната недела повторно е на репертоарот и чинам, дека заедно со претпремиерите, имаме десетина изведби. Гостувавме и во Штип. И во Штип, и овде, имаме позитивни коментари. Прифатена е од страна на гледачите, затоа што режисерот малку на поинаков начин, подиректно и погрубо, поперверзно, поотворено, многу поискрено, пристапи кон тоа што се случувало. Кога читаме некоја книга или драма, има некој прв впечаток или слика која ни се создава во главата, но како што навлегуваме, сфаќаме дека можеби се не е така фино или можеби не е така лошо. Имавме некое традиционално гледиште на “Црнила” од кое избега Пројковскии, го крена на повисоко, поискрено ниво. Таа грубост која ја гледаат гледачите, симболиката дека Македонија е постојано “силувана” во текот на историјата, како што и Неда е силувана во претставата, таа “гнасотија” што излегува од терористите, особено од Луков, како луѓето постојано имаат две лица, тоа режисерот го крена на повисоко рамниште. Беше поотворен, директен. Тоа допре до публиката да се внесе во претставата, односно да се соочи со суровата реалност, колку и да ставаме цветчиња и покриваме.

Покрај останатите колеги од ансамблот, во претставата играат и гостите, Бобан Алекоски, кој прв пат е на прилепската сцена, и Сара Спиркоска, која има играно и во други претстави? Каква беше соработката?

Со Бобан Алексоски се знаеме четврт век. Во 2000 година кога прв пат стапнав во прилепскиот театар, заедно одевме на аудиции за избор на деца во детските претстави. Така ни се јави “заразата” која уште нé држи. Со Сара се знам десетина години откако како средношколец доаѓаше на претстави. Со двајцата се знам доста добро и соработката ни беше полесна.

Каква порака испраќа Орце? Режисерот умешно го вметнува терминот “никогаш Северна”, претставата ја продолжува со музејот во кој доаѓаат нови генерации, деца прават “селфи”?

Познато е дека Орце е млад, наивен, кој верува во организацијата и е злоупотребен, искористен и се самоубива. На крајот, влегувам во еден метален крст кој ја симболизира чистотата на младичот, своевидно поврзување со Господ, и ставам елек на грбот во кој се забодени ножеви, од кога, ако не од “твоите”. Тоа е уште еден доказ како го искористуваат. Наместо поздравот со подигната стегната тупаница, на крај го изменивме поздравот и Орце ја удира тупаницата со другата рака, покажувајќи дека е свесен за заблудата. Испраќа порака до останатите да не веруваат како него, затоа што се е лага и утре може да биде изманипулиран друг. Соблечените чевли ги вртам, ги насочувам кон публиката, дали некој е спремен и сака да влезе во нив. И секогаш ќе се најде некој нов, нова генерација. Дете ги облече чевлите. Никој од публиката, ниту некој од екипата, не вели,  не влегувај во чевлите.

Колку е потребно посебно вложување?

Минавме мошне убав процес со режисерот. Пројковски донесе позитивна енергија. Немаше тензија и со задоволство одев на проба.  Некогаш ти се здодеваат прогоните, но режисерот добро го одреди темпото, да нема премногу, но да имаме доволно прогони и уште сме во фаза на развивање. Вистина, едвај чекам да имаме изведба, за да видам што можам да променам. Го осознаваш текстот, да не биде рутина, туку фаќаш свои моменти, да ми смени во чувството и еден гледач од публиката, да го забележи тоа, би било супер. И да не забележи, кога внатрешно чувствувам промена, автоматски те става претствата да ти биде интересна за играње. Претставата може да не изморува физички, но имам желба за играње. Само никој да не биде како Орце. Орце може да ни се случи на училиште, на работа, во спортот, младите да извлечат поука да не бидат следниот Орце.

Следни ангажмани?

Учествувам во започнатиот процес со Мартин Кочовски чија премиерна изведба ќе биде во 2026 година. Го чекаме објавувањето на Програмата со проектите поддржани од Министерството за култура.   

Loading