– Напролет се чека напад на гладното животно
Често сме слушале дека мечка нападнала населба со луѓе! Така, за пишување на овој материјал претходат муабети дека во некој манастир биле уништени манастирскиот пчеларник со неколку сандаци. Биле уништени до една. Сите биле жртва на мечка! Соговорници од Прилеп кои го “почувствувале” гладот на мечката се жители на селото Никодин. Тоа се Илија Нунески (1957) и Тони Јовевски (1966), чичко и внук. Двајцата се родени во селото Никодин, со живеалиште во градов, но бизнисот со пчели им е во Никодин.

Според нив, мечката прави штети, проблематична е во цела држава. Сите пчелари, секаде, се плачеле од неа. Таа е проблемот и во Никодин. Напаѓала последните седум-осум години. Покрај присуството на луѓе и други животни, таа често се гоштева со пчелиното произодство. Затоа Јовевски е во Никодин секој втор-трет ден. Некогаш останувал по пет-шест дена, ако има работа со пчелите. Работно е ангажиран, Практично, половина живот минува таму. Сопственик е на над 200 пчелни семејства. Професионалец, посветен е на пчелите, Егзистира од производството на мед. За пчелите одгледува растение фацелија, медоносно растение, кое придонесува за пчелите да имаат повеќе “род”.

Во селото постојано живеат родителите на Тони, мајка му Ратка и татко му Трајче. Заедно се уште со тројца други жители. Цело село со петдуши. Покрај присуството, одвреме-навреме, на пчеларите, покрај домашните животни и птици, мечката нема гајле Инстинктот за храна, гладта ја тера да ги напаѓа пчелните семејства со медот.

– Мечката последниве седум-осум години е намножена. Ја има во поголем број, отколку порано. Затоа почесто ги напаѓа пчеларници. Секоја година напаѓа барем по еднаш-двапати. Лани нападна и кај мене и кај чичко ми, дури седумпати – вели Тони Јовевски.
Илија Нунески, сопственик е на 44 пчелни семејства. Вели дека мечката никој не јавидел. Остава само траги и растурени сандаци без мед.
– Според трагите се препознава дека не е иста мечка. Да ја видиме, поставивме камери, Но, таа е мудро животно. Имаме фотографии од парталосаните сандаци и рамки – вели Нунески.
Според Јовевски, мечката била многу претпазлива и итра. Се вардела. Била внимателна. Тој смета дека во атарот на селото живеат повеќе мечки. Кај него дошла на “гости дома” ноќе, оти сандаците му се во куќниот двор. Мераклија била на протеинската храна. Го јадела медот, леглото и го уништувала целото пчелно семејство.
– Доколку го земе само медот, тогаш леглото би останало. Бара протеини. Легло се ларви, налик како црвчиња. Ја привлекува нивниот мирис – вели Јовески.
Мечката како да нема гајле од ништо. Не се плаши ниту од кучињата. Жителите сметаат дека е некој постар примерок, голема мечка. Последниот напад кај Јовевски бил во мај, а кај Нунески во октомври лани. Од март, пак ја очекуваат. Кажуваат дека “влегувала” и во селата Ракле, Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен, Крстец, Ореовец…
– Зимава таа мирува, спие, а напролет се буди од хибернација. Ќе биде гладна, Наталожената храна ќе и се стопи и е најгладна да го надомести загубеното – појаснува Јовевски.
За штетите што ги има направено мечката секој пчелар може да побара обештетување, надомест од државата. Меѓутоа, услов е да има електрична ограда..
– Се бара да има поставено електрична ограда околу пчеларникот да може да се побара надомест за штетата од мечката. Некаде не може да се постави. Кај мене е комплицирано. Во дворот се пчелите и треба да заградам десетина декари – вели Јовевски.
Според законот мечката е заштитена од државата. Си држи своја територија по планините, а кога е гладна напаѓа по местата со храна. Секогаш напаѓаат сами, освен кога женската мечка има мали мечиња.
Климата во нејзина полза
Глобално затоплување придонесува за губење на пчелни семејства. Лани во Србија беше катастрофа за пчелите. Од друга страна, климатските промени им одат во прилог на мечките. Ним им годи топлата зима. подоцна се “заспива” и поранос е буди. Затоа прави штета на пчеларите кои го бројат мечкиниот зулим.
Пчелите во родна година даваат 50, 60, дури и над 70 килограми мед од кошница. Во слаби само по 7-8 килограми со нула добивка, како последниве години.
Медот е за долг живот
За медот се зборува дека придонесува за долговечност. Најмногу се произведува во чисти места во природата. Таква е околината на Никодин, без хемикалии и прскања, со чист воздух. Идеална локација за пчелите.
– Баба ми Васа, мајка на татко ми, живееше 105 години – вели Илија Нунески.
![]()

