Даниел Мелвил Македонска рапсодија 109

Девојката го погледна со чудење:

– Како? Ти си Македонец, а американски зборуваш без странски акцент и без јазични грешки!

– Да, израснат сум овде, а и војска служев во Виетнам.

– А знаеш ли македонски?, му се сврти девојката на чист македонски јазик.

– Да. Ама ти од каде знаеш македонски?

– Мајка ми е Македонка.

– Кога те загледав подобро, мислев дека си Хавајка или, пак, од Полинезија.

– Многумина тоа ми го рекле, не знам зошто имам таков изглед.

– Како и да е, многу си убава.

Девојката се насмевна меланхолично, го допре образот до неговиот и тивко го помоли:

– Сега уште помалку сакам да им паднам в раце на оние криминалци. Те молам, Кензо, помогни ми да умрам. Треба да постои некој начин да ме убиеш.

– Не, одговори кратко Кензо.

– Зар ќе дозволиш да доживеам ужаси од тие луѓе?!

– Нема.

– Што можеш да сториш со врзани раце против пет мажи вооружени со пиштоли?

– Ќе видиме. Не исслужив војска во Виетнам без ништо да научам во борбите таму. Единствениот избор што ми останува е сите да ги убијам, инаку тие нас ќе не убијат.

– Идат, шепна девојката.

– Молчи и остани на местото како да ти се и понатаму врзани нозете, ја советува Кензо, па се затркала по подот и застана неподвижен на местото каде лежеше кога ги затворија во собичката.

Клучот во клучалката се заврти, вратата се отвори и во просторијата влезе Џемс. Се наведна над Кензо, му се исклешти во лицето и му се закани:

– Сега ќе видиш како се реваншира Џемс некому кој го удрил!

Десната нога од Кензо со голема сила го погоди во долниот дел од мевот Џемса, едновремено со двете раце го фати за гушата да не му дозволи да испушти вик и да го ублажи паѓањето на подот, за да не го слушнат шумот оние во соседната соба. Џемс беше веќе мртов кога му го зеде пиштолот и, откога провери дека има куршум во цевката, го откочи и, држејќи го со двете раце заробени со полициските белезици, се појави во соседната соба. По неколку секунди сé се сврши. Собата се исполни со карактеристичниот мирис од барутниот чад. Кај двајца од киднапери најде по еден клуч за белезиците. Ја ослободи, а потоа таа ги отклучи неговите белезици. Со една од колите паркирани пред зградата отидоа да го пријават случајот во најблиската полициска станица.

Три месеци потоа, двајцата се венчаа. Таа веќе го носеше детето зачнато во мизерното собиче, каде двајцата очекуваа страшна смрт. Полицијата при истрагата на случајот, на неколку места во фармата откопа 11 трупови од млади девојки кои злосторниците ги качувале на автомобил кога правеле автостоп, ги носеле до нивниот терен, ги силувале и потоа ги убивале.

 (продолжува)

Loading