ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Е КОРИСНА САМО АКО Е ВО СИГУРНИ И СТРУЧНИ РАЦЕ

Прилепчанецот Александар Бучковски – доктор на науки кој направил симбиоза на вештачката интелигенција и машинството

Вештачката интелигенција (ВИ), која е гранка на компјутерската наука посветена на создавање програми кои го реплицираат човечкото  размислување, во последно време е многу елабориран термин. Наспроти стравот од ударот врз човештвото, речиси нема област во која не продираат достигнувањата на ВИ, и во деловниот, и во секојдневниот живот. Луѓето користат ВИ секој ден да си го олеснат животот, а компаниите да ги олеснат или подобрат производствените процеси.

Прилепчанецот Александар Бучковски (48) кој живее и работи веќе 15 години во Германија во автомобилската индустрија, неодамна успешно го одбрани својот докторски труд на Машинскиот факултет при УКИМ во Скопје и направи спој на вештачката интелигенција и машинството. Успеал да ја реализира желбата за докторска титула во техничките науки, во машинството, но и да го примени и прилагоди со новиот тренд кој го носат информатичките технологии, применувајќи ја вештачката интелигенција. Ја реализирал својата идеја, ВИ да ја стави во служба на хидрауликата. Теоретски и практично покажал, како може водоводната мрежа постојано да напојува приоритетни објекти, како болница, противпожарни и други, во еден град,

– За автомасткото затворање на вентилите и насочување на водата кон важните објекти користев ВИ, а не класично програмирање. Ја применив на еден проблем кој може да се примени – објаснува прилепчанецот Александар Бучковски,  доктор на машински науки.

ВИ не ја користи на работното место каде процесот постојано се автоматизира и осовременува. Тој веќе 15 години работи во Германија, во градот Инголштат каде се произведува Ауди. Своето знаење го вградува во автомобилската индустрија, во компанијата Бош, за која на далечина работел од Скопје, откако претходно бил ангажиран во неколку македонски компании. Германците го препознале квалитетот. Во 2011 година заминал во земјата каде се почитуваат трудот и поставените договори. 

– Конструираме и произведуваме специјализирани алати за поправка на автомобилите кои го олеснуваат и подобруваат процесот на замена на одредени делови. Создаваме иновации за побрза работа. Во Германија, работната недела е 40 часа и нема останување после работното време. Имаме 6 недели одмор кои треба да ги искористиме. Задоволен сум од заработувачката која ми овозможи купување на стан, куќа, автомобил. И кога имав доволно време за себе, кога се стабилизирав, решив и успеав да го завршам и мојот сон од студентските години, да докторирам. Успеав да го крунисам моето теоретско знаење со титулата доктор, а задоволство ми беше што во комисијата за одбрана имав од Електротехничкиот факултет – објаснува Бучковски.

Иако Прилеп му е во срцето, и тука живеат неговите родители, Александар барем засега со сопругата и детето, останува во туѓината каде може да го даде и евалуира своето знаење и капацитет во машинските науки кои му се професионална опсесија и животно достигнување.   

Најдобриот студент во генерацијата на Машинскиот факултет

Како најдобар студент сакал да остане асистент на Машинскиот факултет. Но, високиот просек не бил доволен да го добие местото, бидејќи “немал вујко, Владика”. Во 2004 година магистрирал.

ВИ е добар слуга

Иднината на човештвото е во вештачката интелигенција. Напредокот и развојот се во корист на подобрување и олеснување. Но, ВИ многу е важно во какви раце ќе биде, дали се стручни и да се користи во добри цели. Европската Унија подготвува регулатива за примената на вештачката интелигенција.                

Loading