ПЕСНАТА  ГИ  РАЗВЕСЕЛУВА И ПОДМЛАДУВА ПЕНЗИОНЕРИТЕ

ОРДЕ  ЃОРЃИЕСКИ- музичар половина век

Нема  пензионерска, а секако и друга веселба, да не свират и пеат, Миле Кафеџиски на синтисајзер, и вокалниот исполнител, Орде Ѓорѓиески. Додека Миле „шета” со прстите по типките од хармониумот, свирејќи ги според нивниот репертоар мелодиите, или оние што ги бара публиката, Орде со микрофонот в рака со добро познатиот глас „везе” песна во песна. Така е со години. Тие се тандем што најмногу ги развеселува пензионерите. Орде е сега пензионер, а во музичката, во прилепската боемска тајфа е веќе 45 години. Свирел хармоника, уште свири и пее во КУД Пензионер при Здружението на пензионерите. Со музички стаж од скоро половина век Ѓорѓиески како музичар оправдано може, ако таква би постоела, да земе уште една пензија за музицирањето, а и за времето минато во цигарната фабрика во Тутунскиот комбинат каде работел како водоинсталатер. Но, љубовта кон музиката го „заробила” уште како млад и еве не го пушта и на возрасни години. Свирел, пеел и уште свири на пензионерските средби организирани по разни поводи. За Нова година, за Василица, за Осми март, на пензионерските пикници, на веселбите по ограноците, на музичките регионални средби и ревии, таму е Орде во пензионерското друштво на ЗП Прилеп.

– Мислам дека ме знаат во Прилеп, од поодамна. Младите порано, а сега веќе возрасни, ме знаат по моето музицирање во групата „Денар”. Јас можам да се пофалам, дека ја имам формирано. Свирев и пеев и во групата „Весели прилепчани”. А, не треба да се пофалам дека мојот глас ги има развеселувано и сватовите на многу свадби и други веселби, не само во Прилеп. Посебно е весело кога ќе се засвири и запее на пензионерските средби. Тие иако во години играат на секоја музичка изведба. Зрачат со позитивна мисла и енергија која плени. Не е важно дали е наша, македонска, српска, бавна, или брза, странска било каква, а некои дури умеат да се веселат и на засвирено и испеано танго. Такви се пензионерите, за нив не е важно колку години имаат, има пензионерки и пензионери што „везат” со нозете на секакво исвирено оро. Го креираат својот живот на пензионери, луѓе од трето доба со насмевка за убаво расположение. Ние веќе ги знаеме кои се и ороводци, кои се фаќаат први и кои сакаат да бидат на крајот, како „кец”. Мислам, дека убавата музика и песна ги расположува и подмладува пензионерите. Тие како да забораваат на годините и се чувствуваат се уште млади и се разбира, весели – вели Орде Ѓорѓиоски.

Семејството на Ѓорѓиоски е предодредено за музика. Во него не свират женските членови. Покрај Орде, кој во групата Денар свиреше 20 години, неговиот син Мики од поодамна свири – тропа на тапани. Внукот Филип веќе трета година е во Музичкото училишта во Битола каде свири на кларинет, а најмалиот Стефан е во нижото музичко училиште каде ја совладува наставата  на синтисајзер – објаснува најстариот музичар во семејството, Орде Ѓорѓиески.

К.Ристески

.

Loading