2025 беше година на предизвици, но и на нови почетоци

Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп

Во пресрет на новогодишните и божикните празници, разговаравме со градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, за сработеното во изминатата година, за предизвиците и успесите, како и за плановите што ги носи 2026 година.

Вашиот градоначалнички мандат е само два месеци. Претходно бевте пратеник. Како гледате на овие две функции и што би издвоиле од сработеното во Прилеп во овој краток период?

Би рекол дека 2025 година беше година на предизвици, но и на нови почетоци. Кога ја презедов одговорноста да бидам градоначалник на Прилеп, знаев дека довербата не се добива со зборови, туку со работа и конкретни дела.

Ова беше изборна година. Иако немаше промени на политичката сцена во Прилеп, се случи промена на позицијата градоначалник. Сакам уште еднаш искрено да им се заблагодарам на граѓаните за укажаната доверба кон мене лично, како кандидат за градоначалник, за поддршката кон советничката листа и воопшто за поддршката кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Од пратеничката функција преминав на уште поодговорна позиција – градоначалник, велам поодговорна затоа што сега сум директно соочен со проблемите и потребите на моите сограѓани. Во овој двомесечен период, фокусот беше ставен на реорганизација на работењето на локалната самоуправа, чистење на градот преку заедничка еко-акција во која се вклучија многу нашисограѓани и стопански субјекти, што ми даде силен поттик и уверување дека заедно можеме повеќе.

Започнав и со тоа што го ветив во мојата предизборна програма,Општината да биде „отворена врата” за граѓаните, со јасна цел Прилеп да стане функционален, уреден и достоинствен град за живеење. Заедно со мојот тим, работевме на конкретни проекти за да реализираме позитивни и видливи промени: подобрување на локалната патна и комунална инфраструктура, уредување на јавни простори, паркови, детски и спортски игралишта, како и започнување проекти од директен интерес за граѓаните.

Посебно внимание посветивме на образованието, културата и спортот, затоа што тие се темелот на иднината на градот.

Како Дејан Проданоски, не дозволив функцијата да ме оддалечи од граѓаните. Продолжив со редовни средби и разговори – на терен, во маалата, во населените места, со слух за нивните проблеми и предлози.

Овој период работевме транспарентно, одговорно и со јасен приоритет – интересот на граѓаните пред сè.

Двата месеци од мојот мандат во 2025 година не беа доволни за реализација на многу видливи активности, но беа период на работа, стабилизација и поставување цврсти темели. Продолжуваме понатаму со иста енергија, посветеност и верба дека Прилеп заслужува повеќе и дека тоа можеме и дека ќе го оствариме.

Прилеп отсекогаш имал вредни луѓе, силна индустрија, добри занаетчии и трговци. Убеден сум дека нашиот град има капацитет повторно да се врати на пиедесталот на најуспешните и најквалитетни градови во Македонија.

Што можат да очекуваат прилепчани во 2026 година?

Ќе биде година на нови предизвици, но и година на транспарентна и отворена општина – општина за сите. Веќе остваривме јавни консултации за креирање на Буџетот за 2026 година, со цел граѓаните директно да предложат приоритети и да учествуваат во распределбата на средствата.

Еден од приоритетите е воведување дигитални услуги за побрзо и поефикасно опслужување на граѓаните, зголемување на транспарентноста и подобрување на комуникацијата со локалната власт. Ќе продолжиме со зголемување на средствата за образовни и социјални програми, како и со интензивни инвестиции во инфраструктурата.

Како капитални проекти за 2026 година ги издвојувам: изградбата на кружниот тек во населбата Табана, изградбата на новата улица и мостот на новата улица „Победа”, реконструкцијата на улиците „Орде Чопела” и „Трајко Николоски”, изградба на нови детски игралишта, унапредување на водоснабдителната мрежа,

поставување полуподземни контејнери, како и инвестиции во обновливи извори на енергија.

Во сферата на екологијата, работиме на современи решенија за управување со отпад, вклучително и компостара и инсталација за градежен шут, како и интеграција во регионалниот систем за управување со отпад.

Младите се приоритет

Младите се двигател на иднината. Општина Прилеп ќе продолжи со стипендии, награди за талентирани ученици и студенти, поддршка на младински организации и иницијативи, како и отворање на долгоочекуваниот и прекупотребен Младински центар. Нашата цел е младите да останат во Прилеп, да се развиваат тука и да го применат своето знаење во локалната економија.

Празнична магија во Прилеп

Годинава Прилеп блеска во празнично руво. „Прилепската празнична приказна” донесе радост, заедништво и богата културно-забавна програма. Градот е украсен, градот живее, а покрај богатата седумдневна музичка и забавна програма и Новогодишниот базар, дочекот на Новата 2026 година ќе биде организиран заеднички, со концерт на Наум Петрески.

Ги поканувам сите граѓани на Македонија да го посетат Прилеп и заедно да ја дочекаме Новата година во една прекрасна атмосфера.

Порака до прилепчани,

Драги сограѓани,

Во Новата 2026 година ви посакувам здравје, среќа и благосостојба во секој дом. Заедно да продолжиме да го градиме Прилеп како модерен, зелен и просперитетен град. Да вложуваме во младите, во образованието, во културата и во подобар квалитет на живот за сите.

Нека 2026 биде година на нови можности, заедништво и остварени соништа.

Среќна Нова 2026 година и убави Божиќни празници!

Loading