Сарми на плоштад

За празникот Свети Никола     

Неколку илјади прилепчани на плоштадот ќе се гоштеваат со илјадници посни сарми колку нокт, грав, риби и пијалоци на 20-тото празнување на градската слава Свети Никола. Компаниите, домаќини, Матадор и Бимфоод го вратија традиционалното виткање на сарми на прилепските домаќинки, оти досега специјалитети ги подготвуваа кетеринг фирми. В година домаќин ќе биде фирмата Рустика.

Сармичките колку лешник со неколку зрна ориз се вкусни, оти се јадат на еден залак. Подготовката е адет за одбележување на денот, оти единствено Прилеп има повеќегодишно минато.

Градоначалникот Дејан Проданоски со домаќините дадоа поддршка на традицијата со обиди да завиткаа по некоја сарма со асистенција. Дури ја развеселија атмосферата со вклучување на орото на виртуозите на подготовката на сармичките.  

– Спремни сме за манифестацијата. Чест ни е што сме домаќини  на прославата на големиот верски празник, затоа што Свети Никола не е само светец, тој е симбол на љубовта, верата, соживотот, милостливоста, добрината и човештвото. Заедно сплотени да го славиме празникот – изјави Рената Анческа Ацеска, претставник на Бимфоод.

Сармите ги виткаа членките на здруженијата на жените Преродба, Китка, Мајка Традиција” и Орхидеја.

– Се радувам што младите ја продолжуваат традиција. Горди сме на одржливоста. Да не се заборави. Среќна сум што се обидуваат и деца од предшколска возраст. Тие ќе пренесат дома дека со баби виткаа сарми. Ќе го паметат чинот. Кога ќе пораснат ќе се сеќаваат дека од мали нозе го негуваат овој обичај – рече Љубица Петреска, претседателка на здружение Мајка Традиција.

На виткањето на сармите се вклучија децата од градинката Ројал кидс.

– Додека виткаме се смееме и си помагаме едни на други. Така не учеа и нашите баби и дедовци. Ја чуваме традицијата на Свети Никола – рече малата Ника Стефанов.

Овој светител е избран за заштитник на Прилеп во 2006 година кога домаќин беше компанијата Прилепец. Следната година се изгради и параклис, зашто половината од граѓаните слават, а другата половина се гости на семејата слава на Свети Никола.

Прилеп влезе и во Гинисовата книга на рекорди во 2008 година изработени 80.191 мала посна сарма или симболично по една за секој жител на општината.

Loading