Промоција на книги и разговор

“Како се родила зимата? Што ќе се случи кога ќе се бакнат две облачиња? Од што е создадено сé што е убаво на светот? Зошто мора цвеќињата да венеат?”. Сите љубопитни и мечтателски детски души кои сакаат да ги дознаат одговорите на овие прашања, ЦК “Марко Цепенков” в сабота ги кани, со радост и од срце, заедно со нивните родители, баби и дедовци, на предновогодишна литературна дружба и разговор со Иван Антоновски, автор на двете книги за деца “Бакнежи на небото” и “Градина полна латици”.

Под модераторство на Александар Еленин, ќе се разговара за литературата за деца, за детските желби и копнежи кои кај најмладите ги разбудуваат и разгоруваат книгите и илустрациите. Секое дете ќе поставува прашања на авторот, ќе се направи магична предновогодишна атмосфера и во празничен дух ќе се слават книгата и детската љубопитност и фантазија.

М-р Иван Антоновски е асистент на катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет во Скопје. Тој држи вежби по предметот книжевност за деца. Антоновски е поет, писател, есеист, книжевен критичар и преведувач.

Домаќин и организатор е литературно-издавачката дејност на ЦК “Марко Цепенков”.

Loading