Миле Талески
Пред неполн месец, во бројот 868, во рубриката “Живот” на две страници известивме за средбата на кошаркарските ветерани од прилепските клубови Гоце Делчев, Тутунски комбинат, Еуроинвест 11 Октомври, Ултимејт баскет, до денешниот Мега баскет. Многумина беа на собирот и се спомнати. Поради просторот и други причини, многумина не се спомнати. Меѓу нив и новинарот во пензија 86-годишниот Миле Талески. Тој забележува.

– Уште сум жив. Можев да појдам на собирот, да бев поканет. Не само што бев новинар во Тутунскиот комбинат од 1972 година, туку и го донесов ракометот, машки и женски, под компанијата. Подоцна и кошарката под финансиите на Тутунски. Бев и претседател на тој кошаркарски клуб, кој за малку ќе влезеше ранг погоре – потсетува Талески.
Тоа е времето на социјализмот. Талески е прв човек на клубот во кој се згрижени и кошаркарите и кошаркарките од Прилеп. Организацијата е на највисоко ниво, сé функционира како подмачкано. Тогаш името Тутунски комбинат беше гаранција за успех. А нашиот соговорник покажува пример за чесност.
– По секој натпревар екипите одеа на јадење. Иако бев претседател, ниту еднаш не појдов. Сметав дека тоа е обезбедено за нив, оти играат, се трошат на теренот и треба да ручаат или да вечераат, а не јас – вели Талески.
Од семејството Талески, прилепчаните и ден-денес во сеќавање им е Борка, татко му на Миле, некогашен директор и професор во гимназијата “Мирче Ацев”.
– Иако татко ми Борка е одамна починат, уште го спомнуваат. Сакам барем да не ме забораваат дури сум жив – порачува Миле Талески.
Талески е сведок на многу настани, вклучително и спортски. Затоа доколку се готви некаква хронологија, доколку се пишува некоја историја, тој е сведок на секој спорт и спортски клуб во Прилеп.
![]()

